Авторот на „Game of Thrones“ со стипендии за нови писатели на фантастични светови

Џорџ Р.Р. Мартин, писателот и авторот на мега-популарната ТВ серија „Game of Thrones“, најави дека ќе финансира стипендии за работилници со цел да помогне на нова генерација писатели во создавање фантастични светови.

„Овие денови на светот му се потребни чуда повеќе од било кога порано“, напиша на својата интернет-страница авторот на серијалот книги „Song of Ice and Fire“, по кои е направена препознатливата телевизиска серија.

Посочувајќи дека најдобрата епска фантастика „бара впечатливо окружување… свет и сличен и различен од нашиот, со негова богата историја, географија и обичаи, негови посебни убавини и терори“, Мартин соопшти дека ќе ги поддржува надежните писатели на научна фантастика и епска фантазија, за да можат да научат како да изградат свои „замислени предели“.

Годишната стипендија „Worldbuilder“ ќе ги финансира авторите за писателски курс во траење од шест недели на авторската работилница Кларион Вест во Сиетл. Победникот, кој секоја година ќе биде избран од жири-комисија која нема да го знае неговиот идентитет, нема да биде ограничена од „возраст, раса, пол, религија, бојата на кожата, местото на раѓање или областа на образование“, изјавил Мартин, додавајќи дека таа ќе демонстрира „и финансиска поддршка и талент за градење светови и создавање на други универзуми“.

Мартин, кој низ своите книги создаде еден од најпрепознатливите фантастични предели во последните децении, го посочува Џ.Р.Р. Толкин како „создавач на светови без конкуренција“.

„Најдобрата фантастика не носи преку краиштата кои ни се познати, до световите преку ридовите, светови кои, кога еднаш ќе ги посетиме, живеат во нашата фантазија до крајот на животот“, напиша авторот.

„Милиони луѓе никогаш не го посетиле Рим или Париз, сепак ги препознаваат Колосеумот или Ајфеловата кула. Ривендел, Округот и рудниците на Морија се инстантно препознатливи на сличен начин за огромен број читатели низ светот“, објаснува Мартин.

Од Кларион Вест соопштија дека стипендијата ќе ги покрие трошоците за курсот и за сместувањето и дека првата ваква стипендија ќе биде доделена во рамките на овогодишната летна работилница.