Автопатот Гостивар – Кичево најнова закана за балканскиот рис, Меловски апелира при градбата да се консултираат еколозите

Криволовот, уништувањето на шумите и живеалиштата, намалувањето на пленот, како и спарувањето во сродство се главните закани кои демнат над балканскиот рис, кој е критично загрозен вид според Меѓународната унија за конзервација на природата.

Најновата опасност по овој балкански симбол, од кој се останати само околу 40-тина единки во регионот, може да биде градбата на Коридорот 8, особено автопатот Гостивар – Кичево кој пред една недела започна да го гради американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Иако уште не е прецизирано која ќе биде трасата на овој автопат, сепак таа неминовно ќе поминува во срцето на живеалиштето на балканскиот рис, во западниот дел на Македонија.

Научната заедница постојано предупредува дека градежните работи и големите инфраструктурни проекти се голема опасност по рисот, особено што ваквите зафати, како автопатите, можат значително да ја ограничат територијата по која се движи оваа голема мачка.

Биологот Диме Меловски од Македонското еколошко друштво вели дека ја сфаќа потребата за изградба на овој клучен коридор, но смета дека целиот процес треба да биде ускладен со мислењето на еколозите, особено за потребите на балканскиот рис.

„Тоа е еден од најзначајните коридори кои ги поврзува Маврово и Јасен. Тие се најбитните подрачја за балканскиот рис. Помеѓу нив е планината Буковиќ, кој е најзначаен коридор, не само за рисот туку и за другите крупни цицачи, на оној предел кој сега сите го знаат како ‘Стража’. Доколку има вијадукти, тунели, како што ги има по патот Кичево – Охрид, тогаш дивечот нема да има толку голем проблем. Меѓутоа доколку нема тунели автопатот е сериозна закана за фрагментација на популациите. Меѓутоа јас не се плашам толку многу, бидејќи мислам дека и доколку не ги земат во предвид овие работи, бидејќи теренот е планински мора да има вијадукти, понекој тунел“, вели Меловски.

Диме Меловски на денешната презентација за балканскиот рис во Europe House / Фото: Радио МОФ

„Сакам да ја истакнам потребата од сите сектори да се консултираат со еколошкиот сектор со цел да има синергија и да видиме дали може нешто да се направи за да имаме и автопат и да може да се поминува низ или преку тој автопат. Доколку треба да се направи таканаречен ‘зелен мост’ тогаш државата да инвестира за тоа да се направи, дури и ако тоа не е во планот. Тоа може да се случи само доколку има меѓусекторска комуникација. Таа комуникација сега ја нема. Јас досега не сум видел никаков план каде ќе поминува трасата од автопатот Гостивар – Кичево, ништо не знаеме. Тоа треба да биде обелоденето, треба да можеме да одиме на јавни расправи и да го дадеме своето мислење“, додава тој.

Меловски вели дека популацијата на балканскиот рис и понатаму ја сметаат за стабилна иако последниве две години забележале контрадикторни трендови во нивниот број.

„Се испитуваше густината на популацијата во НП ‘Маврово’ на 100 километри квадратни. 2021 беше многу чудна година кога установивме многу малку рисови во Маврово. Тоа не мора да значи дека популацијата опаѓа, бидејќи таа популација во Маврово е репродуктивен извор, тоа може да значи и дека баш во тој момент, кога сме испитувале, некои единки дисперзирале, односно отишле на друго место. 2022 година, пак, за разлика беше многу попозитивна и имаше многу повеќе рисови, не само во Маврово, туку и во ловиштата наоколу. Ние се` уште сметаме дека популацијата е стабилна, дека не опаѓа. Но, таа 2021 година отвара очи дека можеби се случува нешто лошо и дека тоа е директно поврзано со размножувањето во сродство“, објаснува Меловски.

Фото: Радио МОФ

Како најголем приоритет за заштита на балканскиот рис тој вели дека е потребно институциите да изработат акциски план по кој сите ќе се водат, со прецизни активности, рокови и буџети, во кој покрај власта ќе учествува и невладиниот сектор. На тој начин, според него, сите би биле на иста линија во однос на тоа како да се заштити рисот.

Во врска со размножувањето во сродство, кое го издвојува како проблем, биологот вели дека треба да се размислува за носење одреден број единки од карпатскиот рис кој би се измешал со рисот од овие простори.

„Тоа се случувало и порано, низ историјата и нема да е нешто многу страшно. Многу повеќе ќе направи добро на популацијата, ќе донесе „нова крв“ како што народски се вели и ќе успее да го зголеми тој генетски диверзитет, таа наследност. Мислам дека тоа е следниот чекор кој треба да се направи. Но, како што кажав, најважно е сите да бидеме на иста линија. Притоа, паралелно да се работи на оние конвенционални закани – криволовот, уништувањето шуми – за сето тоа да има ефект“, потенцира Меловски.

Фото: Радио МОФ

Тој денеска презентираше податоци на настанот насловен „Балканскиот рис во ЕУ“ под покровителство на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. Според него главната придобивка од евроинтеграциите би било „пеглањето“ на некои од битните закони кои го засегаат опстојувањето на овој животински вид.

„На пример Законот за шумарство и Законот за ловство треба да бидат синхронизирани и во склад со законите на Европската Унија. Тие се` уште се разгледуваат, има амандмани и се прават некои измени. Тука ќе го споменам волкот. Ние сме единствена држава во Европа каде имаме награда за отстрел на волк. Тоа е срамота. Многу, многу лошо и треба веднаш да се смени. Втората најважна работа е строга имплементација на законите. Не е доволно само да се „испеглаат“ законите, туку и да се имплементираат. Никој досега не е казнет за убиен рис во Македонија. Мислам дека со пристапувањето кон ЕУ ќе има многу поголем надзор. Ќе треба да се одговара на сите тие прашања, инаку ќе следат казни. Кога ќе има многу поголем надзор, ќе има и многу поголем отчет“, посочува Меловски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир на настанот истакна дека кризата со биодиверзитетот, исто како и климатските промени, се прашања кои треба да се најдат високо на листата глобални приоритети.

„Северна Македонија има богат биодиверзитет. За жал балканскиот рис е вид кој во моментов е загрозен и постои реална закана од негово исчезнување. Загубата на ова животно би било само уште еден удар врз биодиверзитетот, загуба на ДНК која постоела милиони години што би имало влијание и на се` останато. Многу посветено ја следиме заштитата на природата, и во ЕУ и овде во Северна Македонија. Како што знаете во нашите годишни извештаи редовно известуваме за напредокот на земјава. Имаме истакнато одреден напредок, со тоа што скоро 14% од територијата е прогласена за заштитено подрачје, но и понатаму постојат многу предизвици за кои е потребна силна посветеност од државните власти. Особено во обезбедување повеќе средства во Буџетот за заштита на природата, засилувањето на институционалниот капацитет, забрзување на процесот за репрогласување на НП „Маврово“ и подобрување на меѓусекторската координација и соработка“, рече евроамбасадорот.

Македонското еколошко друштво на настанот ги презентираше постигнувањето во рамки на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, кој веќе две децении е клучен конзервациски проект кој обезбедува опстанок на балканскиот рис преку истражувања, мониторинг, заштитени подрачја и социоекономски аспект. Проектот е еден од најдолготрајните, континуирани проекти во регионот.

Даниел Евросимоски

По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави