МЖСПП: Започнува процесот на репрогласување на Националниот парк „Маврово“ за заштитено подрачје

По повод одбележувањето на 5 Јуни, Светскиот ден на животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со Јавната установа Националниот парк „Маврово“ организираше јавна презентација на активностите за спроведување на ревизија на Студијата за ревалоризација и изработка на План за управување со НП „Маврово“, како основи за добро и одржливо менаџирање со ова заштитено подрачје.

Во процесот се вклучени и партнерските организации „Глобал Конзервејшн“ и Македонското еколошко друштво.

„Оваа значајна соработка претставува можност да го продолжиме патот кон заштита, зачувување и унапредување на природните вредности со кои се карактеризира  Националниот парк Маврово и надминување на предизвиците со кои се соочува управата на паркот во негово одржливо управување и заштита на природните вредности” изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Историјата на НП „Маврово“ датира од далечната 1949 година, кога за прв пат е прогласено за заштитено подрачје, но условите со текот на години се променети. Со стапувањето на сила на Законот за заштита на природата во 2005 година се создадени законски услови, но и обврска за повторно прогласување на веќе заштитените подрачја во РСМ меѓу кои и НП „Маврово“.

„Студијата за валоризација на заштитеното подрачје Маврово беше изработена во 2012 година од Јавната установа Национален парк „Маврово“ која ја достави до Министерство за животна средина и просторно планирање со цел да се отпочне постапка за повторно прогласување на Маврово за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Поради реакциите на невладиниот сектор за отворениот фајл во Бернска конвенција за планираните хидропроекти во НП „Маврово“, реакциите на домашни и меѓународни експерти, Светската унија за заштита на природата (ИУЦН), локалното население што живее во границите на паркот, постапката за донесување на Предлог-Законот за прогласување на Маврово за заштитено подрачје во категоријата национален парк беше прекината и Предлог-Законот не влезе во владина процедура. Фајлот за НП „Маврово“ е се` уште отворен, така што Постојниот комитет на Бернската конвенција ја измени старата Препорака бр. 184 (2015) и донесе нова Препорака бр. 211 (2021) во врска со мерките за зачувување на националните паркови во Северна Македонија“, велат од МЖСПП.

Од Министерството информираат дека со потпишаниот меморандум за соработка, дополнителни научни истражувања оваа година ќе се спроведат од страна на Македонското еколошко друштво, што е основа за продолжување со постапката за репрогласување на националниот парк „Маврово“.

„Студијата за ревалоризација на НП Маврово ќе ја следи законската обврска на нејзината содржина со предлог-надворешни граници и предлог-зонирање со наративни описи на секоја од предлог зоните и ГИС податоци, врз основа на податоци за проценка на статусот на живеалиштата и видовите од национално и ЕУ значење, која ја рефлектира нивната тековна состојба и потреба во согласност со мониторингот што го спроведува Јавната установа НП „Маврово“. За изработка на оваа активност се обезбедени средства од буџетот на МЖСПП“, додаваат од Министерството.

Оттаму напоменуваат дека социо-економскиот карактер на Националниот парк е важен белег на ова подрачје, со оглед на фактот што на територијата на паркот егзистираат 37 населени места. За тие потреби од МЖСПП велат дека ќе биде изготвена и социо-економска студија, заедно со Планот за управување, кои ќе претставуваат основните стратешки документи за работа на Паркот за период од десет години.