Промовирана Националната црвена листа на габи и цицачи во Северна Македонија

Министерството за животна средина и просторно плaнирање (МЖСПП) ги промовираше Национални Црвени листи за габи и за пет селектирани видови на цицачи и Каталогот на типови живеалишта од европско значење.

Националната Црвена Листа се заснова на принципите и методологиите на глобалната Црвена Листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), која користи пет критериуми за категоризација на видовите според ризикот од нивно исчезнување во блиска иднина.

„Националните Црвени листи за габи и за пет селектирани видови на цицачи (рис, мечка, видра, волк и шакал), како и Каталогот на живеалишта од европско значење се важна алатка за мониторинг на биолошката разновидност и идентификацијата на приоритетните видови и подрачја за креирање на политика за заштита и зачувување на природата“, истакна Заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска.

„Националните црвени листи се од суштинско значење за информирање на носителите на одлуки и за развивање на здрави политики и активности за зачувувањеи заштита на природата“, рече Борис Ерг, директорот на Регионалната канцеларија за Источна Европа и Централна Азија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN ECARO).

Од МЖСПП велат дека Националните Црвени листи, по нивното донесување, ќе имаат апликативна функција во секојдневната работа на Секторот за природа во Управата за животна средина во рамките на спроведувањето на управните постапки за заштита, зачувување и одржливо опоравување со биодиверзитетот.

 Црвената листа на IUCN е многу повеќе од само список на видови и нивниот статус на зачувување. Истата дава информации за ареалот на распространување, големината на популацијата, живеалиштата и екологијата, користењето и/или трговијата, заканите и акциите за зачувување. Затоа, листата е моќна алатка за информирање и преземање соодветни акции за зачувување на биолошката разновидност и промена на политиките и е клучен показател за здравјето на биолошката разновидност во светот.

Црвената листа на IUCN е исто така одлична алатка за комуникација, односно информирање на пошироката јавност за статусот на биолошката разновидност низ целиот свет или во рамките на одреден регион. Листата дава резиме на информации корисни за научни анализи и може да се користи од страна на индустрискиот сектор за идентификација на подрачја кои треба да се избегнуваат при планирање на активностите.

Црвената листа на IUCN се користи и за насочување на управувањето со природните ресурси, поаѓајќи од локалните процени на влијанието врз животната средина и развојот на националните политики и законодавство, до идентификација на значајни видови во рамките на меѓународните мултилатерални договори за животната средина. Покрај тоа, црвените листи на IUCN се особено неопходни за известување за напредокот кон поставените цели за зачувување на меѓународно ниво, како што се Аичи целите за биолошката разновидност и Целите за одржлив развој.