Апликацијата ТикТок Мјузик може да стане конкуренција за Спотифај и Епл

Патенти што сугерираат дека ТикТок работи на своја апликација за стриминг музика ја претставуваат веројатно новата конкуренција на Спотифај и Епл мјузик, објави порталот „Верџ“.

Матичната компанија на ТикТок, „БајтДенс“ во мај годинава пополнила апликација за трговска марка што ја испратила до Канцеларијата за патенти и трговски марки во САД за лансирање на сопствена музичка платформа ТикТок Мјузик.

Според пополнетата форма за апликација, сервис платформата би овозможила опции за корисниците да купуваат, пуштаат, споделуваат и преземаат музика. Исто така, се предвидува и да креираат, споделуваат и препорачуваат свои плејлисти, да коментираат музика, а и да вршат видео и аудио стриминг во живо.

Всушност, компанијата „БајтДенс“ веќе има искуство со стриминг музички платформи. Во 2020 година ја лансираше својата музичка апликација „Ресо“ во Индија, Бразил и Индонезија. Ресо содржи некои од опциите што се предвидени за ТикТок мјузик.

Покрај тоа, матичната компанија го користи ТикТок за да привлече корисници на Ресо со тоа што  верзијата што е достапна во Бразил содржи посебно копче што корисникот го пренасочува кон Ресо.

Сѐ уште не се знае со сигурност дали „БајтДенс“ планира да развие музичка апликација базирана на Ресо или подготвува нешто сосем ново, но знаејќи го влијанието на ТикТок врз начинот на кој денес функционираат другите социјални мрежи, експертите сметаат дека доколку се лансира нова музичка платформа како ТикТок Мјузик истата може да го промени начинот на кој функционираат останатите музички платформи со тоа што ќе ги принуди да направат прилагодливи измени.