Апликацијата „Challenger“ од денес наградува и за секој километар поминат на велосипед

Oвaa среда се лансираше новата функционалност на македонската мобилна апликација „Challenger“, која од сега ќе ги наградува и корисниците кои активно возат велосипед.

Со „Challenger“, секој поминат зелен километар носи поени, кои потоа корисниците ги заменуваат за попусти во локални бизниси. Исто така, со исполнување на зададени предизвици се добиваат и директни награди. Колку повеќе километри поминати пеш или пак на велосипед, толку повеќе „Challenger“ поени кои носат попусти и награди.

Се што треба да направи корисникот е да ја интегрира „Challenger“ со познатата апликација STRAVA за да ги наградуваме километрите поминати на велосипед. При секое возење на велосипедот потребно е корисникот да ја вклучи STRAVA за да почне истата да ги мери километрите.

„До сега броиме 6.000 корисници и 40+ бизниси кои меѓусебно се поддржуваат, инспирираат и натпреваруваат со цел да станат општествено одговорни. Нашата цел се исполнува преку две димензии, односно го поттикнуваме приватниот сектор да ја вметне зелената агенда во нивниот бизнис модел, а од друга страна градиме заедница на т.н.Чаленџери кои живеат одржливо,“ изјавуваат од тимот.

Оваа апликација во изминатиот период доби многу признанија, а воедно е партнер на тековната кампања IT4Charity. Апликацијата „Challenger“ е бесплатна и достапна за сите корисници на Android и iOS.