Промовирана „ekomapa.mk“ – интерактивна алатка за лоцирање еко-проблеми

На вториот ден од Националната конференција за клима, денеска беше промовирана „ekomapa.mk“, интерактивна алатка за граѓаните на која може соодветно да помогнат во мапирањето на еко-проблемите во земјава, со цел полесно заедничко дејствување на граѓанските организации во решавањето на одредени проблеми и поголема соработка со институциите.

Идејата за алатката која е изработена минатата година, во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, се родила како резултат на комуникацијата со Делегацијата на ЕУ и Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Самото пријавување проблеми дава можност за прикажување слики од настаните за добивање реален приказ за конкретниот проблем, а делот за коментари овозможува директна комуникација помеѓу корисниците со цел заедничко решавање на одредени проблеми или давање совети за соодветни акции. Доколку повеќе лица пријават ист проблем на исто место, самата апликација ќе ги групира проблемите (и пријавите) на едно место за да не се јавува повторување на истиот проблем. Со ова би се обезбедиле соодветни податоци доколку некој сака да направи анализа во која ќе ги разгледува, на пример, запалените шуми во текот на една календарска година“, објаснува Ангел Кузманов од здружението „Еко-свест“

Алатката е изработена во соработка со организациите кои работат на заштита на животната средина, со цел да се добијат што е можно повеќе релевантни податоци. Со цел да ја направат апликацијата побогата, тие отстапиле и дел од нивните интерни мапи.

„Апликацијата е направена за да може да ја користи кој било граѓанин на РС Македонија. Во моментот сѐ уште имаме можност да направиме подобрувања и прилагодувања на мапата, па во прв момент како најрелевантни за користење на мапата ги гледаме нашите колеги од граѓанскиот сектор, а особено организациите кои се занимаваат со заштитата на животната средина. Би ве замолил секој што има сугестија да ни се обрати на info@ekosvest.com.mk“, повикува Кузманов.

Првичниот концепт на идејата било да се развијат две апликации, односно, една за граѓанскиот сектор и општата јавност со цел известување за проблемите и една за државните органи за алоцирање на проблемите до конкретните органи и нивно решавање.

„Проектната идеја не беше финално прифатена од страна на ЕК, но се надевам при добро користење на оваа апликација дека можно е и тој проект повторно да се актуелизира. Ние во секој случај сакаме да ги вклучиме државните органи во функционирањето на еко-мапа како релевантни чинители за решавање на еко-проблемите. Информациите кои ќе им бидат достапни, државните институции можат да ги користат за правење на анализи, стратешко планирање, а оние инстутции кои работат на терен можат да ги користат податоците и како поддршка во нивната секојдневна работа“, додава Кузманов.

Идејата на алатката е секоја инстутиција да добие и свои кориснички групи и корисници со цел да можат да известат доколку некој проблем бил надминат или доколку сакаат да искомуницираат со пријавувачите.

Мапата, како што најавуваат ќе се надградува со наредни проекти, со цел да биде подолгорочна, а во иднина и во подобра соработка со државните органи.