Антикорупционерите побараа кривична пријава за директорот на Агенцијата за млади и спорт

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година, пренесе Радио Слободна Европа.

Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

Државниот завод за ревизија неодамна утврди бројни пропусти во работата на АМС, меѓу кои беа издвоени забелешки за големи парични суми кои оделе за плата кај раководните лица на спортски федерации, невоспоставени внатрешни контролни механизми, неизградени критериуми за објективна и праведна финансиска поддршка и неуредно документирање на дел од трошоците

При ревизијата било утврдено дека дел од финансиските извештаи за средствата кои биле префрлени на националните спортски федерации не содржеле целосна документација, а дел од документацијата за патувања на спортисти во странство била неуредна или целосно недостасувала. Утврдено било и дека дел од спортските федерации исплатиле прекумерен износ на пари на раководните лица, а вршен е и трансфер на средствата од наменските сметки на федерациите кон спортски клубови без соодветна документација за реализираниот трошок.

„Нема контрола како се трошат парите“ – Ревизорите открија бројни неправилности со исплатите на Агенцијата за млади и спорт