„Анима Мунди“ по 101 пат ја пријави Агенцијата за храна и ветеринарство за неодговорно сопствеништво

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ упати 101 претставка до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при што повторно алармираше за неодговорно сопствеништво од нивна страна.

„Наша должност е да ве известиме вас, а и јавноста, да ја обелодениме неспособноста и незаинтересираноста на официјалните ветеринарни инспектори во Агенцијата за храна и ветеринарство во, за нас 101 пријавен случај до нив за неодговорно сопствеништво. Содржината на претставката која беше испратена од наша страна до нив на 12.12.2022 година ги има сите елементи на неодговорно сопствеништво, неконтролирано размножување, буквално мачење и малтретирање на куче во зима и лето“, соопштуваат од Здружението.

Од „Анима Мунди“ тврдат дека сопственикот на кучето кое има микрочип живее во Бутел, додека кучето повеќе од една година се наоѓа на јавна површина во Ново Лисиче. Оттаму велат дека за АХВ ова тврдење е неосновано за постапка бидејќи било базирано врз претпоставка.

„Кучето во наведениот случај со законски сопственик повеќе од една година е чувано на јавна површина во импровизирана куќарка, се храни од канти за отпадоци и истовремено размножувано со расни кучиња.
Скучна, се окучува во истиот тој парк и според сведоштвата на соседите голем дел од малите угинуваат. Денес до нашата адреса пристигна одговор каде се наведува дека Агенцијата за храна и ветеринарство нема да постапува по наводите на претставката бидејќи истите биле базирани на претпоставка“, велат од „Анима Мунди“.

Од таму додаваат дека освен во АХВ, случајот истовремено бил пријавен во ЈП Лајка од каде, како што велат, веднаш излегле на терен и го заловиле кучето, кое сѐ уште се наоѓа во прифатилиштето.

„Од кога претпоставка е пријава која ги содржи сите елементи на кршење на закон за одговорно сопствеништво и прилог податоци за сопственикот, слики од состојбата на кучето и околината во која е чувано каде што е јасно дека не е приватен имот? Дали претставките кон активистите содржеа повеќе елементи и докази за неодговорност па затоа бевте толку ажурни во нивното постапување?“, прашуваат од здружението.

Од „Анима Мунди“ нагласуваат дека случајот ќе биде пријавен и на повисока инстанца со надеж дека можеби овој 101 пат, како што велат, правдата ќе биде спроведена.