2 милијарди генетски модифицирани комарци ќе бидат пуштени во Калифорнија и Флорида

Британската биотехнолошка компанија „Окситек“ соопшти дека добиле дозвола од Агенцијата за заштита на околината во САД за пуштање на нивни генетски модифицирани комарци во делови од Флорида и Калифорнија. Мажјаците од овие инсекти се дизајнирани да создаваат неплодни поколенија, а целта е да се редуцираат локалните популации на комарците и болестите кои тие ги пренесуваат.

Се очекува во природата да бидат пуштени повеќе од 2 милијарди комарци кои се наречени „ОX5034“ – модифицирани единки од видот „Aedes aegypti“, кој е озлогласен како преносител на многу опасни болести меѓу кои и вирусот Зика, денга и жолта грозница.

Бидејќи само женките касаат и цицаат крв, мажјаците, кои ќе се пуштат во природата, се генетски модифицирани на тој начин што при парењето создаваат женски ларви кои ќе умрат пред целосно да созреат. На овој начин би се намалила популацијата на овие комарци во целост.

Од „Окситек“ велат дека модифицираните инсекти не претставуваат опасност по населението и дека тие претставуваат контрола на штетниците кои не наштетува на корисните инсекти во екосистемот.

„Со оглед на растечката здравствена закана која овој вид комарци ја предизвикува низ САД, ние работиме на тоа да ја направиме оваа технологија достапна. Овие пилот-програми, каде можеме да ја демонстрираме ефективноста на технологијата во различни климатски услови, ќе имаат важна улога во таа наша цел“, вели директорот на компанијата, Греј Франдсен.

„Окситек“ минатата година започна пилотирање на програмата за пуштање милиони вакви комарци во специфични локации во Флорида. Со новата дозвола се зголемува бројката на комарци кои ќе можат да ги пуштат, а тестирањето се проширува и во Калифорнија.

Оваа метода е последен пример на она што во биотехнологијата е познато како техника на стерилизација на инсекти, која и во минатото се користела за истребување или намалување на популации на други штетници, како паразитските муви. Сепак оваа програма беше и контроверзна во јавноста. Дел од жителите на Флорида протестираа поради пуштањето на комарците, додека други организации критикуваа дека ваквите чекори можат да имаат непознати последици по екологијата и здравјето.