Првата пациентка дијагностицирана со „климатски промени“ доаѓа од Канада

Канаѓанка е првата пациентка во светот чија дијагноза е „страдање од климатски промени“, откако кај неа се појавиле тешкотии при дишењето, последица од канадскиот топлотен бран.

Евроњуз“ пренесува дека пациентката, која има 70 години, пристигнала во итната помош, каде се сретнала со докторот Кајл Мерит кој ја поставил дијагнозата.

Стотици канадски жители починале поради високите температури кои стигнале и до 50 Целзиусови степени, што е канадски рекорд. За над 570 лица, причината за смртта била топлотниот бран. СЗО смета дека глобално, климатските промени се причина за над 150.000 смртни случаи на годишно ниво.

Но и покрај статистиките, ова е прв пат климатската промена да биде дијагноза донесена од здравствен работник.

„Во случајот на пациентката, таа имала астма, дијабетес и срцеви проблеми, а живеела во приколка без вентилација. Нејзините здравствени проблеми се влошиле, а таа се трудeла да остане хидрирана“, изјавил докторот.

Зголемените температури ги разгореле дивите пожари, со што се влошила и состојбата на воздухот, чиј квалитет се намалил за 43 пати.

Марина Романело, авторка во интернационалното медицинско списание „Лансет“, во извештајот за здравјето и климатската промена од 2021 година, го пофалила потфатот на докторот, кои го опишала како „многу мудра одлука“.

„Сметам дека е одлично тоа што докторите започнуваат да говорат за фактот дека климатските промени се опасен здравствен ризик. Ваквите практики, како и пишувањето на подобри извештаи можат да ни помогнат да ги евидентираме смртните случаи од климатските промени, процес кој подоцна ќе дозволи да ја квантифизираме загубата од климатските промени“, изјавила таа.