Канадско село во кое е забележана рекордна температура од речиси 50 степени изгоре во шумски пожар

Во шумски пожар изгоре 90% од канадското село Литон каде оваа недела беше измерена највисоката температура во историјата на Канада од 49.6 целзиусови степени, соопштија официјални лица, пренесува српски „Евроњуз“.

Локалниот советник Бред Вис рече дека пожарот предизвикал голема штета на Литон, место во Британска Колумбија, како и на околната критична инфраструктура.

Градоначалникот на Литон претходно нареди евакуација на жителите, велејќи дека пожарот се проширил на местото за само 15 минути.

Жителите набрзина го напуштија местото, додека чадот и пламенот се ширеа низ селото со 250 жители, кое се наоѓа на 260 километри североисточно од Ванкувер.

Досега невидената, рекордна топлина однесе стотици животи во Канада.