Амнести интернешенел: Сирискиот режим во затворот „Сајднаја“ за пет години погубил до 13.000 луѓе

Организацијата за човекови права „Амнести интернешенел“ (АИ) објави дека сирискиот режим вршел илјадници убиства во затворот „Сајднаја“.

Како што стои во извештајот „Човечка кланица: масовни бесења и истребувања во затворот Сајднаја“, низ период од пет години (2011 до 2015) еднаш до двапати неделно биле водени по 50 луѓе од ќелиите на произволни судења. Луѓето биле тепани, а потоа бесени тајно, во текот на ноќта.

Вака биле убиени до 13.000 луѓе, главно граѓани кои биле сметани за противници на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Извештајот е составен врз основа на сведочења на 84 очевидци, меѓу кои имало чувари, осуденици и судии. Исто така, извештајот покажува дека сириската влада намерно одржувала нехумани услови на затворениците во „Сајднаја“ преку континуирана тортура и систематско лишување од храна, вода, лекови и медицинска нега.

Инаку, воениот затвор „Сајднаја“ се наоѓа на околу 30 километри северно од Дамаск, а во него се наоѓаат илјадници затвореници.