Американец добил 450.000 долари отштета поради несакана роденденска забава од колегите

Човек од Кентаки добил 450.000 долари откако неговата компанија му организирала ненадејна роденденска забава и покрај неговите предупредувања дека тоа ќе му предизвика стрес и вознемиреност.

Кевин Берлинг, кој ја тужел компанијата, тврдел дека непосакуваната роденденска забава која се случила во 2019 година му предизвикала серија на панични напади, пренесува Би-Би-Си. Од компанијата тврделе дека не направиле ништо погрешно.

Според тужбата, Берлинг, кој имал анксиозно нарушување, барал од неговиот менаџер да не го прославуваат неговиот роденден на работното место, како што вообичаено се прави за вработените. Но, и покрај неговото барање, компанијата во август 2019 година му направила ненајавена забава што му предизвикала паничен напад. Тој набрзо ја напуштил прославата и својот оброк го јадел во неговиот автомобил.

Во тужбата се наведува и дека Берлинг бил нападнат и критикуван за неговото однесување следниот ден и бил обвинет дека на неговите колеги им ја уништил забавата. Тензичниот состанок му предизвикал уште еден паничен напад по што компанијата го пратила дома следните два дена на 8 и 9 август.

На 11 август Берлинг добил отказ со образложение дека ја нарушувал безбедноста на работното место. Со неговата тужба тој тврдел дека е дискриминиран поради негова попреченост и дека компанијата неправедно му се одмаздила поради тоа што барал да се исполни неговата желба.

По дводневно судење на крајот на април, поротата пресудила тој да добие 450.000 долари отштета, од кои 300.000 долари за емоционалниот стрес и 150.000 долари поради изгубени примања.

Статистиката од Националната алијанса за ментални болести покажува дека повеќе од 40 милиони Американци, што е скоро 20% од популацијата, страда од некаква форма на анксиозност.