Еколошката иницијатива „Здрава Котлина“ која се противи на отворањето на рудникот Иловица-Штука денеска соопшти дека успешно иницирале граѓанска иницијатива која ќе учествува на локални избори преку формирање советнички листи за општините Струмица, Босилово и Ново Село.
Името на независната граѓанска иницијатива е насловена „Стига е! – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина“. Со ваквата одлука, тие објаснуваат дека покрај притисоците и перипетиите, и дополнителното закаснување од 3 дена, го исполниле ветувањето за иницирање независни советнички листи, покрај договореното отстапено време на политичарите конечно да го решат проблемот со рудникот.
„Ве повикуваме уште денес, што побрзо и масовно, да се појавите во локалните канцеларии на ДИК во зградата на Општина Струмица и да го дадете својот потпис како ваш придонес. Се што ви треба е добра волја и документ за лична идентификација. Канцелариите на ДИК работат секој ден (сабота и недела) од 08:00 до 20:00ч а последниот ден (понеделник) ќе работат до полноќ 23:59 часот“, велат тие.
Истовремено, тие потсетуваат дека рокот за собирање потписи за независните листи истекува на 30 август на полноќ, додавајќи дека се потребни 350 потписи за Општина Струмица, односно по 150 потписи за општините Босилово и Ново Село.
„Ние, како Здрава Котлина директно ќе ги поддржуваме независните листи во кои како кандидати за советници има активисти и граѓани кои се одважија да излезат и да придонесат за решавање на проблемите кои се хронично присутни во нашите општини со поинаков агол на гледање од досегашните партиски агли“, се додава во нивната објава.
Мотивацијата за иницирање на овие независни листи, објаснуваат дека е очекуваната ескалација со рудникот во која, како што велат, значајна линија на реален отпор би биле советниците во општините како директни учесници во носењето одлуки или поставување на одредени важни прашања поврзано со очекувањата на граѓаните.
„Во иста линија се решавањето проблемите на граѓаните кои сепак се не се мали во нашите општини и кои се наоѓаат заглавени во лавиринтите на интересите кои ги контролираат политичарите од партиите. Граѓаните се нашата сила и за нас единствено јавниот интерес на граѓаните е битен да биде транспарентно и одговорно спроведен“, додаваат тие.
Истовремено, тие најавија дека дека поради технички причини, независната советничка листа за Општина Ново Село ќе биде поднесена во текот на денот, и дека почнувајќи од утре граѓаните ќе можат да го дадат својот потпис за таа општина.