Активисти и граѓани апелираат на нехуман третман на бездомните животни во кумановскиот стационар

Со слики на распаднати кучиња во стационарот за бездомни животни ВСЦ „Тодор Велков“ од Куманово, граѓани и активисти изразуваат сомненија дека условите во кои се наоѓаат бездомните животни  се во спротивност на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот врз основа на овој закон.

Фотографиите од стационарот (дел од нив со вознемирувачка содржина) ги објавија од иницијативата за заштита на правата на животните „Кане Корзо“, заедно со преставка до Агенцијата за храна и ветеринарство која ја добиле од граѓанин. Тие бараат од надлежните институции да направат увид и вонредна контрола во работењето на фирмата во чија сопственост е прифатилиштето.

„Ова е крајна дестинација на заловените кучиња од Кочани, Куманово и најверојатно други градови. Овие „хумани“ услови поминуваат на тендер. Ќе се воведе ли ред? Агенција за храна и ветеринарство ова ли се минималните услови кои треба да ги задоволува стационар?“, пишува во објавата на иницијативата, каде се додава дека се сомневаат дека истата компанија постапува на сличен начин и во однос на преземените обврски и кон други општини во Македонија.

Од иницијативата велат дека на преставката се уште нема одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Повеќе информации и текстот на преставката можете да најдете на фејсбук објавата на граѓанската иницијатива.