Актерот Алек Болдвин обвинет за ненамерно убиство

Актерот Алек Болдвин се соочува со ново обвинение за немарно убиство поради фаталното пукање на филмски сет во кое настрада кинематографката Халина Хачинс.

Големата порота во Санта Фе, Ново Мексико го обвини Болдвин во петокот, неколку месеци откако обвинителите ја отфрлија истата кривична пријава против него.

За време на проба на сетот за снимањето на филмот „Rust“, во октомври 2021 година Болдвин вперил пиштол кон Халина Хачинс која беше директор на фотографија на филмот. По истрелот ја погодил во градниот кош, а притоа ја ранил и Џоел Соуза, режисерката на филмот.

Болдвин кој беше и ко-продуцент на филмот изјави дека тој не го повлекол чкрапалото и дека го тргнал пиштолот пред да излета куршумот.

Минатиот април, специјалното обвинителство го отфрли обвинението за ненамерно убиство против Болдвин, велејќи дека огненото оружје можеби било модифицирано пред пукањето и не функционирало по што кажаа дека е наложена форензичка анализа. Но, во август, откако пристигна новата анализа на оружјето, обвинителите изјавија дека размислуваат повторно да поднесат обвиненија.

Во извештајот од експерти за балистичко и форензичко тестирање нарачан од обвинителите пишува: „Иако Алек Болдвин постојано негира дека го повлекол чкрапалото, според тестовите, откритија и набљудувањата пријавени овде, чкрапалото морало да се повлече или да се притисне доволно за да се ослободи целосен или искривен куршум од доказниот револвер“.

Обвинителите неделава го изнесоа новиот случај пред големата порота во Санта Фе.

„Со нетрпение го очекуваме нашиот ден во судницата“, кажаа адвокатите на Болдвин, Лук Никас и Алекс Спиро.

Болдвин и неговите ко-продуценти исто така се соочуваат со граѓански тужби во кои се бара финансиска компензација што ги вклучува и членовите на филмската екипа на „Rust“, но судиите овие случаи ги ставија во мирување додека трае овој случај.

Алек Болдвин е обвинет за убиство од небрежност