Алек Болдвин усмрти жена со реквизитен пиштол на снимање филм

Жена почина, а еден маж е повреден откако актерот Алек Болдвин испукал со реквизитен пиштол на снимање филм во Ново Мексико во Соединетите Американски Држави.

Убиената жена била Халина Хачинс, која работела како директорка на фотографија на филмот, која починала додека била пренесувана во болница. Ранетиот човек бил Џоел Соуза, режисер на филмот, пренесе Би-Би-Си.

Локалната полиција соопшти дека Болдвин испукал од оружјето за време на снимање на вестерн филмот „Rust“, сместен во 19-тиот век. Од ПР тимот на актерот изјавиле дека инцидентот се случил откако случајно било испукано со реквизитен пиштол наполнет со ќорци.

Полицијата додава дека и понатаму го истражува инцидентот на популарната филмска локација и дека досега не се поднесени никакви обвиненија.

Болдвин покрај тоа што ја толкува главната улога е и копродуцент на филмот.

Тој е познат по бројни улоги во филмската и телевизиската индустрија по 1980-тите години.