Аерозагадување: Изречени четири казни за палење отпад во Скопје

Во текот на изминатиот месец екипите на Град Скопје по извршената контрола изрекле четири казни за палење отпад, од кои две на физички и две на правни лица, информираат од градот.

Оттаму соопштија дека инспекторите на Град Скопје моментално се на терен и вршат вонредни и зачестени контроли, а последниот извештај вели дека засега нема казнети, бидејќи не констатирале отстапување од пропишаните услови. Во рамките на мерката за огнови на отворено (193) Градот Скопје и превентивно дејствува со изрекување опомени за палење на отворено.

Инспекциските служби на Град Скопје во текот на 2016 година извршиле по 2 контроли на сите 29 инсталации регистрирани во Скопје, односно вкупно 58 контроли во месеците ноември и декември, и по извршените контроли се констатирани неправилности кај една фирма на којашто и е изречена казна.  Во текот на 2017 година во истиот временски период (ноември-декември) надлежните инспекциски служби на Град Скопје, исто така, извршиле по 2 контроли на сите 31 инсталации во Скопје, односно вкупно 62 контроли и констатирале дека сите фирми ги задоволуваат законски пропишаните услови.

Градот Скопје во текот на 2017 година одобрил 500 елаборати и извршил 94 контроли за периодот ноември-декември, односно се извршени контроли на сите фирми коишто имаат емисии во воздухот при производниот процесот и не се евидентирани неправилности при нивното работење.

Вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ги најави итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и притоа главната мерка која ја спроведува е повторното воведување на бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници, а најави и позасилена контрола над субјектите коишто имаат Б интегрирани еколошки дозволи.