Откако го публикуваше својот дебиталнски роман „Денот на црвот“ кој беше прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година, читателската публика со нетрпение очекува нова книга од писателката Симона Јованоска. Токму денеска, од печат излезе новата збирка раскази „Ништо нормално“ во издание на издавачката куќа Или-Или, која ги проблематизира дуалностите во светот, особено кога се во прашање класификации како „големи и мали луѓе“, „нормалност и ненормалност“ и други крајности кои ја делат општата и колективна перцепција на црно-бела.
Впрочем расказите се додавање „боја“, смисла, контекст и значење на појавите кои го засегаат како што вели авторката малиот човек, односно „луѓето со секојдневни грижи“ какви што се репрезентирани и преку ликовите од нејзините раскази.
Како што самата вели, нејзината намера е да преиспита што е „нормалноста“ односно да го поттикне читателот да направи анализа на тоа што се подразбира токму под нормалноста. Прашање кое, освен што е перенијално и се поставувало низ векови, во совремниот глобален контекст од збиднување е во зенитот на својата актуелност.
Во продолжение Јованоска говори за пораката на делото, инспирацијата и очекувањата од прифаќањето на публиката на нејзината нова збирка раскази.

Новата збирка раскази „Ништо нормално“ (Или или, 2026)
РМ: На кој начин малиот човек е ставен во фокусот во нова збирка раскази „Ништо нормално“?
-„Малиот“, односно обичниот човек отсекогаш бил во фокусот на моите авторски интереси. Тоа се оние тивки животи што најчесто остануваат незабележани, луѓе со секојдневни грижи, мали победи и лични порази што не влегуваат во насловите, но ја носат суштината на реалноста во која живееме. Ме интересира нивната внатрешна динамика, нивните мисли, стравови и надежи, токму затоа што во нив се препознава пошироката слика на општеството. Преку нивните приказни се обидувам да покажам дека и најобичниот живот содржи сложеност, драматичност и значење, дури и кога изгледа како ништо да не се случува.
Но, во последно време и тоа почнав да го преиспитувам, да се прашувам: ако јас пишувам за овој мал човек, тогаш кои се „големите“? Дали се тоа луѓето од листите на Епстин, политичарите кои вршат геноцид пред очите на целит свет или можеби славните игнорантни личности што ни продаваат гламур и убавина? Не знам кој е тука „мал“.
РМ: Дали делото носи песимистичка порака или сепак има и порака на надеж со однос на алузијата која ја носи името на збирката?
-За името „Ништо нормално“ што се среќава и кај еден од расказите, се одлучив спонтано. Ми „легна“ и откако се консултирав со потесен круг на луѓе, одлучив да одиме со тој наслов. Би рекла дека секој од расказите носи различна порака и обработува различна тема, некои раскази завршуваат среќно, други завршуваат трагично, а некои се отворени за слободно толкување.
Лично верувам дека дури и трагичните раскази можат да поттикнат оптимистички чувства кај читателите подготвени за промени, односно, за излегување од калапот на повторливоста на нездравите навики и шаблони. Освен тоа, чувствата на оптимизам и песимизам кај секој човек доаѓаат од различни извори и се со различна позадина, па врз основа на тоа, секој може на свој начин да ги доживее. Најважно од сè ми беше да поттикнам на размислување и преиспитување на „нормалноста“.
РМ: Дали делото е критика или рефлексија на современите состојби со малиот човек?
-Мислам дека има од сè по нешто. Сите раскази на свој начин ја рефлектираат состојбата денес, зашто се пишувани под директно и индиректно влијание на сè она што ми се случувало мене или на некој друг во изминативе години. Дури и оние целосно измислени раскази носат во себе траги од реалноста, од атмосферата, од чувствата и од општествените притисоци што несвесно ги впиваме.
Во таа смисла, делото не е експлицитна критика, но суптилна критичка нишка може да се насети низ секој расказ. Збирката не е наметлива, туку се открива кога текстот се чита со критичко око и без однапред заземена страна. Наместо да нуди јасни осуди или заклучоци, расказите оставаат простор читателот сам да ги препознае пукнатините во современото живеење и сопствената позицијата во нив.
РМ: Дали читателите ќе можат да се идентификуваат со ликовите од расказите и колку ликовите се типични во смисла на луѓе кои ги среќаваме во нашето секојдневие?
-Уф, па јас би сакала да се идентификуваат и ако го постигнам тој ефект, значи дека сум успеала во намерата. Во тоа и се состои суштината на пишувањето: да се одвоиш од себеси, а истовремено да успееш да се препознаеш во туѓите приказни и судбини. Тој парадокс, да бидеш и надвор и внатре во приказната, е она што ја создава врската меѓу текстот и читателот.
Мислам дека ликовите, иако не се сите директни копии на конкретни луѓе, се доволно типични за да нè потсетат на некого што сме го сретнале, или дури и на самите себе во одреден период од животот. Тие носат препознатливи реакции, дилеми и слабости, што ги прави блиски и реални. За нив се инспирирав од сè и сешто, разговори, ситуации, набљудувања, па и сосема минливи впечатоци. Тоа најчесто не е свесен процес, туку повеќе чувство или мисла што ќе ми се роди во некој момент и од неа постепено произлегува лик, а потоа и приказна.
Токму затоа, верувам дека секој читател може да најде барем еден лик во кој ќе се препознае во некој фрагмент, реакција или одлука.

„Денот на црвот“ е роман на Симона Јованоска и претставува дебитантски роман, кој ја доби награда „Роман на годината“ за 2021.
РМ: Како ја стекна идејата и што ти беше најсилната инспирација за оваа збирка раскази?
-За настанувањето на оваа збирка, во голема мера е заслужен мојот издавач Ненад Стевовиќ, којшто дојде до идеја да работиме на нешто што ми лежи, а тоа е расказот како форма. Од излегувањето на мојата прва книга, збирката „Ги најдов во длабокото“, поминаа 11 години, доволно долг период во којшто, не само што се менував како човек, туку и го усовршував својот однос кон пишувањето.
Имам чувство како да постојат два различни идентитета во мене – една авторка која ги пишувала збирките раскази и друга, која ги пишува романите. Тие два пристапа се разликуваат по ритам, по интензитет и по начин на раскажување и токму затоа враќањето кон расказот за мене беше на некој начин и враќање кон еден подинамичен, поконцентриран израз.
Во меѓувреме имав напишано неколку раскази кои чувствував дека заслужуваат да се најдат во една заедничка целина, а во текот на изминатата 2025 година ги напишав и останатите. Тој процес беше ослободен од брзање, без притисок и без бркање рокови, што ми овозможи да им пристапам на текстовите со поголема трпеливост и искреност. Токму затоа оваа збирка ја доживувам како природно заокружување на еден долг, тивок и постепен креативен процес.

„Леска Брезоска“ е вториот роман на македонската писателка Симона Јованоска, објавен во декември 2024 година во издание на „Или-Или“.
РМ: Кои се твоите очекувања со однос на успесите на твоите два претходни романи? Дали сметаш дека збирката раскази ќе го доживее истиот успех како претходните два романи, особено „Денот на црвот“?
-Искрено, немам некакви конкретни очекувања во однос на успехот, ниту се обидувам да ја споредувам оваа збирка со претходните романи, па ни со „Денот на црвот“. Кога ќе завршам со нешто, завршено е, не се навраќа, не гледам наназад туку само напред. Верувам во книгата и во тоа што го носи, задоволна сум, но истовремено се трудам да не се оптоварувам со исходот.
За мене процесот е многу поважен, ја пишувам и уживам, ми излегува од систем и во тој момент мојата улога некако завршува. Понатаму, книгата си го живее својот живот, а јас мојот. Се надевам дека ќе си го најде патот до читателите на кои ќе им легне, дека ќе им се допадне, дека ќе ги вовлече и можеби ќе ги забавува или поттикне на размислување.
Свесна сум дека не е за секого, и тоа е сосема во ред. Мислам дека секоја книга си има своја публика, и доволно е да допре до оние што ќе се препознаат во неа. Тоа, на крајот, ми е најважно.
РМ: Која е твојата порака крајна и генерална како автор на збирката? Што му порачуваш на читателот?
-Кога некој автор пишува, можеби најосновната порака секогаш е – читајте! Нели затоа го правиме ова, за текстот да стигне до некого и да воспостави некаква врска. Но искрено, јас сакам да се дистанцирам од тие „големи“ и конечни пораки, затоа што ни самата немам чувство дека сум ги разбрала сите работи. Напротив, секојдневно учам, растам и осознавам нешто ново и тоа ми е поважно од било каква декларативна мудрост. Не мислам дека некому треба да му нудам препораки, особено кога лесно можат да звучат како клише. Секој човек си носи свои борби, свои невидливи предизвици, па ми делува малку надмено да се настапува со готови одговори или „животни лекции“.
Ако сепак би требало нешто да издвојам како личен став што провејува низ книгата, тогаш тоа би било можеби ова: да не се сфаќаме себеси премногу сериозно, да си дозволиме повеќе игра и слобода, и да се охрабриме да отстапуваме од она што се смета за „нормално“. Токму во тие отстапувања, во тие мали поместувања од очекуваното, често се крие и најголемата вистина за нас самите.
Разговорот го водеше: Магдалена С. Константинов



