„Културата и дружењето се најважни за алтернативната сцена“ – Култура Бета наполни три години

Младинското здружение за креативно изразување „Култура Бета“ минатата недела го прослави својот трет роденден. По три години од формирањето на нивната онлајн платформа за културно изразување, во саботата бетаџии организираа настан во живо. Програмата со книжевна дружба, поетско читање и на крајот свирка што се случија во кафе-книжарницата „Буква“ зближи разни генерации творци, дејци и поддржувачи на културната сцена меѓу кои доминантно присуство имаа младите.

Зад платформата стојат млади луѓе кои другаруваат меѓусебно или се запознале низ процесот на градење на здружението што денес поврзува луѓе со слични интереси од целата држава и од речиси сите области на културата.

„Култура Бета“ пред три години никна како Инстаграм платформа. Преку неа се објавуваше поезија и кратки раскази од разни автори низ Македонија. Денес таа се прошири во веб-сајт со рубрики за импресии, осврти и колумни преку кои будно се следи алтернативната општествено-културна сцена.

Од роденденот / Фото: Сара Богоева

„’Култура Бета’ произлезе од ‘Театар Бета’. Претходно во Корчагин почнав еден фестивал ‘Уметникум’, а кога завршив средно имав потреба да правам уметност и да собирам луѓе кои се занимаваат со уметност. Тогаш ги собрав Хана и Лео, направивме муабет и дојдовме до идеја за претстава, што поради пандемијата за жал не се одигра“, вели Андреј Медиќ Лазаревски кој заедно со Марија Хана Трајковска и Леонид Георгиевски се основачи на здружението.

Андреј му се пожалил на татко му, а тој му дал идеја дека освен за театар може да споделуваат и поезија и раскази или да прават поетски читања.

„После тоа си реков ако има и други ствари освен театар, зошто би се викала ‘Театар Бета’? Тогаш дојде идејата ова сè заедно да не биде само уметност Бета, бидејќи сфатив дека не може уметност без да се опфатат и некои социјални теми и екологија. Сè тоа заедно оформува некоја култура која секој би требало да ја следи. И така настана ‘Култура Бета’“, се насмевнува Андреј.

Андреј Медиќ Лазаревски, основач и главен уредник и Калина Качоровска, редовна колумнистка

Најпрво го избрале Инстаграм затоа што таму се младите (средношколци и студенти) на куп, а тоа е нивната целна публика.

„Осетивме потреба дека можеби се заситува просторот со објавување исклучиво поезија и кратки раскази. Тоа беше 5-6 месеци континуирано секој втор ден. Потоа тројцата осетивме дека треба да вклучиме некој друг, па така си направивме сами сајт. Се испробавме и во информатика, секад сум ја мразел, но на крај испадна дека е супер креативна работа“, опишува Андреј

Групата пораснала со Ана Илиева и Калина како колумнистки, а потоа и со Софија Тодороска со осврти на книги, а тука некаде, во 2020 година, започнува и ширењето на рубриките. Денес сајтот на „Бета“ ве пречекува со рубриките Поезија, Кратки раскази, Предлог филм, Предлог книга, Уметник на неделата, Огледи и разгледи, Еко-фактопедија, Бисери, Воздишки и Философска беседа, а во рамки на рубриката Лик на месецот има и подкасти.

„Идејата на Бета е секој да може да пишува кога ќе му дојде да пишува и кога ќе сака да напише нешто и кога ќе сака нешто да каже“, забележува Андреј, а со него се согласува и Калина и вели, „С’ржта е иста, идејата е таа, меѓутоа формата е различна“.

И двајцата се денес студенти, Андреј на катедрите за Филозофија и за Општа и Компаративна книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а Калина на меѓународни односи во Полска. Покрај матичните обврски, не им згаснува поривот за учеството во „Култура Бета“.

„’Култура Бета’ не ни е на никој од нас работа. Тоа не е како било друго списание или медиум, веб-сајт или што и да е. Тоа е задоволство и не е нешто на коешто ние мораме секој ден да мислиме или мораме нешто да правиме. Ние ништо не мораме“, вели Калина.

Како колумнистка, од почетокот до денес научила многу за тоа што значи да се пишуваат колумни, а континуитетот придонел да ѝ се изостри мислата и ја научил како активно да следи што се случува околу.

„Колумните ги пишувам јас, како Калина и тоа е мојот личен став. Тука има многу теорија и треба да има факти, но истовремено на светот му кажуваш што ти се врти низ глава. Тогаш не е веќе тајно и нормално, има ризик во сето тоа. Не би било ферски да кажам дека е гласот на младината или дури ни на ‘Култура Бета’. Меѓутоа со тоа што сум дел од ‘Бета’ или млад човек нормално дека тие работи ќе се преклопат едни со други“, поентира таа, потенцирајќи дека третираат освен уметност третираат општествени теми што ја чинат културата.

Во една нејзина колумна со наслов „Дали андреграундот сè уште значи подземје?“ го отвора прашањето за позицијата на денешната „алфа“ или популарна и „бета“ или алтернативна културна сцена во Македонија, а тоа прашање се провлече и низ нашиот муабет.

„Таа алфа култура или уметност во споредба со оваа бета/алтернативна/независна/неформална е некако помалку развиена колку и тоа да звучи парадоксално. Имаш голем диверзитет во самата алтернативна култура што сега и тоа како се гледа разлика и во самата алтернативна култура. Сега алтернативните музичари се хед-лајнери на најголемите фестивали. Не зборуваме за ‘Д-фест’, ‘Таксират’ кај што традиционално има алтернативна уметност. И тоа не ги фрустрира алфа уметниците, нив не ги интересира. Зашто ако ги фрустрираше ќе правеа нешто. Нормално дека не може да биде вечно Тамара или вечно Елена, но веќе не слушаме ни за хитовите на Два Бона. Ако тие пред 3-4 години беа носители на новата популарна сцена и тогаш им ги знаевме песните без разлика дали ги слушаме или не, сега јас не знам кој е најпопуларен“, посочува Калина.

И Андреј инсистира дека денес алфа културата многу помалку продуцира отколку другата сцена.

„Апсолутно, многу поретко останувам импресиониран од претстави во државен театар отколку од независен театар или од книги од мали издавачки куќи или од книги од безвеза издавачи кои издаваат бестселери или популарна психологија. Тука е разликата. Кај ни е нас поп музиката, кај се Елена Ристеска, Каролина, Калиопи, откако умре Тоше како да немаме поп музика. А за да се развиваат и двете потребна е и таа култура. Несомнено е дека во овој момент независните алтернативни бендови треба да го искористат моментот на немање поп музика и да си се етаблираат како истакнати музичари и како луѓе кои прават квалитетна музика“, смета тој.

Според нив, скорешните збиднувања околу Младинскиот културен центар (МКЦ) го симболизираат судирот меѓу двете културни сцени.

„Алфа сцената не се претопува во Бета туку апсолутно ја снемува. Ете на пример, тоа е и проблемот со МКЦ. Тука ги имаш удрено двете страни – институцијата како простор каде официјално се остварува некаков репертоар, уметност каде имаш редовни претстави, свирки, изложби и сè што се дешава таму. Од друга страна имаш дека сите тие кои ја прават таа култура се припадници на алтернативната култура. И МКЦ мислам дека е оној главен симбол на спој на тие две работи, но никогаш во МКЦ тие поп уметници не припаѓале таму, не може да влезат таму. Тој простор таму е точното место кај што се гледа тоа алфазирање на бета уметноста – кај што станува главна бета уметноста“, забележува Андреј.

Поетска епизода во рамки на „50 години МКЦ“

„Бета сцената ја држи другарството“

„Целата Бета сцена е базирана на квалитет и неконкурентност. Не само што не се конкурентни туку се сите другари. Значи они преку другарството и успеваат. Во самите здруженија луѓето се многу често другари, а после и здруженијата едно со друго се дружат и се развиваат и опстојуваат. Ме радува што во моментов имаме музичка сцена за каква што нашите родители ни зборувале. Нешто што го немало барем десет години. Зборуваме за сцена којашто е сплотена како таква. Ова е баш сцена што е отворена, не е затворен круг“, посочува Калина.

Бетаџии стојат зад тоа дека заедништвото на оние што творат и инспирирањето на еден од друг се клучни да се одржи сцената во живот.

„Тоа е како спирала која продолжува да шири па и да се тегне. Колку повеќе се шири таа спирала толку побогата сцена имаме“, се надоврзува Андреј.

Тимот на „Култура Бета“

„Култура Бета“ ја документира алтернативната сцена

„На пример за после 5 години некој ќе сака да види кога и каде излегол првиот албум на ‘Луфтанза’ да може да отвори кај нас и да види: албумот излегол тогаш и тогаш, ова им била прва свирка, прва промоција. Правиме запис за тоа што се случува на сцената бидејќи мислам дека ниту еден уметник не може да опстои понатаму ако ја нема онаа средена архива позади него. Затоа покрај, промоција инсистираме во лик на месецот да внесеме и ретроспектива за тоа што правел тој човек или луѓе пред да дојдат до ова интервју. Да биде документирано“, истакнува Лазаревски.

Често освен како пишувачи, Андреј и Калина се и уредници на содржините на платформата. Жешка точка во дискусиите зазема што ќе се објави од она што им стига од надвор – поезија и раскази, а понекогаш и колумни преку отворени конкурси.

„Се случувале ситуации во коишто не секој од тимот ќе биде задоволен со тоа што е објавено како поезија таа недела. Од една  страна нашата поента е да дадеме простор на сите оние коишто творат. Од друга страна, како што растевме како здружение и се уште растеме, се добива некаков углед, слика за ‘Бета’ и сакаме тоа што ќе излезе под името на ‘Култура Бета’ да биде со некои ‘стандарди’. Тоа е сепак субјективно. Мене може да ми се свиѓа, на Андреј, ама треба да има барем основни стандарди. Не постои ниеден конкурс којшто ќе биде 100% објективен особено кога се работи за уметност, зашто таа сама по себе не е објективна“, посочува Калина.

Настап на „Занаду“ на роденденот / фото: Сара Богоева

Одлуките што ги прават според некои минимални критериуми за квалитет, како што велат, не се секогаш праведни за сите, но мора да има мера.

„Никој, никогаш не може да каже за ниту едно дело дали вреди или не вреди. Но сепак, еве јас откако почнав со ‘Култура Бета’ до сега моето познавање на поезија, на книжевност, на теорија ми се има прилично зголемено и веќе знам да препознавам одредени понеквалитетни работи. Секогаш ќе има некој навреден од тој чин на одбивање. На крајот на краиштата конкурсите се секогаш неправедна работа. Еве на пример, Конкурсот на Министерство за култура, прво тие што се одбиени се незадоволни, второ тие што имаат добиено се жалат дека добиле помалку и трето тие што добиле највеќе секогаш се свртени кон овие што имаат помалку добиено и им викаат ‘вие не ни треба да добиете повеќе’. Во секој аспект е неправедно“, вели Андреј и додава дека успат низ сето тоа им се случува и млади да им бараат совети или мислења за содржини и текстови.

Проструи и муабетот за критика на сцената и она што се создава. Покрај промоции и написи за делата што ја оформуваат оваа сцена, бетаџии засега не нудат критички осврти.

„Во еден момент е несомнен фактот дека кај нас особено во книжевност, за филм ајде колку толку се пишува бидејќи е покомерцијална уметност, но за книжевност критика отсуствува во голем дел од платформите кои се занимаваат со овој тип на уметност, но на ‘Култура Бета’ критика еден ден ќе има“, дециден е Андреј.

„’Култура Бета’ не е скопско здружение“

„’Култура Бета’ не е скопско здружение, туку ние сме од Скопје, Андреј е од Скопје којшто го започнал и поголемиот дел од работите за што пишуваме се случуваат тука. Преку тие конкурси за колумни, на пример Дамјан кој е од Куманово и Иван кој е од Битола се пријавиле тогаш и сега се редовни колумнисти. Исто така еве јас и Васил учиме во странство, така што не знам за Васил, ама јас знам дека и таму им зборувам за ‘Култура Бета’ и секогаш има такви реакции ‘еј баш е интересно, што  е тоа дај да видиме. И се случува да лајкнат пост и да пишат ‘леле браво’ иако немаат појма што се случува пошто нели не разбираат македонски, но сакам да кажам дека сегде вакви инцијативи се почитувани и се поддржувани“, раскажува Калина.

Здружението функционира како непрофитна вонинституционална организација па организирањето настани како Поетски епизоди или дружење со уметникот на месецот финансиски ги ограничуваат да бидат само во Скопје, односно во „Буква“ што во секој момент им е на располагање. Сепак, за настани како роденденот каде имаше голем наплив на луѓе, велат дека треба и поголем простор што и морало да се најмува.

Поетска епизода 2

„Јас радо би покрај еден настан тука, да правиме и во друг град но тоа повлекува и други работи, логистика, простор. И во другите градови постојат простори и организации кои се занимаваат со овие работи. Во комуникација сме со еден куп уметници од цела земја. И кога гледам колку имаме материјали стасано од другиве градови, можеби е тоа повеќе од други градови отколку во Скопје. Така што мислам дека таа мрежа која ја создаваме се шири и ќе се шири сѐ повеќе и повеќе и ќе дојде со директни соработки со здруженија“, смета Андреј.

„Роденденот – гледаш и се осеќаш убаво што се случи“ 

Дел од репертоарот за три години „Култура бета“ беа и испечатени песни на тема љубовна и еротска поезија и фотографии што им пристигнале од различни луѓе.

„Ми беше многу интересно затоа што на различни делови од програмата видов сосема различни луѓе. Сакам да кажам дека имаше луѓе од многу различни причини за многу делови од програмата. Имаше такви кои беа дојдени за поетската епизода и за дружбата со Јуле – тие ќе ги ставам во една група. Имаше дојдени за да си ги видат песните коишто ги пратиле коишто беа објавени и мислам дека и тоа донесе многу луѓе со кои претходно не сме се сретнале“, вели Калина.

Освен тоа на роденденот им се исполнила желбата да навратат други поддржувачи на културната сцена кои не се само нивни пријатели со што луѓето ја спознаваат нивната отвореност како организација. Тоа како што велат ги мотивира да продолжат да растат, за еден ден да има голем интерес што прави „Култура Бета“ следно.

„Слично како кога ќе отидам во МКЦ. Во смисла дека има многу луѓе, имаш твои луѓе, ама имаш и луѓе кои не си ги видел никогаш, има гужва“, додава Калина.

За понатаму се надеваат ќе може почесто да прават настани во живо.

„Случување во одреден простор меѓу луѓе. Допирот е несомнен и мора да го има кога зборуваме за уметност. Затоа на настаните на алтернативната сцена нема пет метра простор меѓу артистите или публиката. Публиката може и на сцена да се качи ако сака и никој нема да види опасност во тоа“, заклучува Андреј, на што се надодава Калина: „Секогаш првата идеја била физичка манифестација. На целата алтернативна сцена е најбитна дружбата“.

Месецов се окупирани со македонскиот бенд „Перија“, па работат на интервјуа со нив. Следната поетска епизода ќе биде во април, се надеваат на филмски проекции на филмови од студенти, а во меѓувреме ќе им се препуштат на идеите, па можеби, како што велат, ќе организираат уште нешто.

Ангела Бошкоска