[Интервју] Кинезот Пол Јунг учи македонски јазик: Фасциниран сум од јазикот, културата и Кирил и Методиј

Кинезот Пол Јунг деновиве е во Македонија. Шета наоколу, среќава луѓе, открива локации. Но, не е од оние Кинези туристи што редовно ги гледате по плоштадот „Македонија“ како ги фотографираат „барокните“ фасади и споменици на „Скопје 2014“. Пол Јунг е тука на различна мисија. Уште пред неколку месеци решил да го изучува македонскиот јазик, за кој вели дека е уникатен и автентичен, а сега е дојден и подлабоко да се запознае со Македонија, со македонската култура и жителите.

„Јас сум јужњак, ми се допаѓа Сонцето, топлото време, вегетацијата. Па можеби затоа избрав јужнословенски јазик. Исто така, многу слушав за Кирил и Методиј, бидејќи тие се познати во Чешка, Словачка, во сите словенски земји. Имам длабока почит за нивната мисија. Исто и за нивите студенти што ја продолжиле таа мисија. Така, најдов податоци дека доаѓаат од Солун, кој беше дел од Македонија. Ова место го сметам за корен на словенската култура и цивилизација“, вели Јунг во нашиот разговор додека седиме пред МКЦ.

Со Јунг нè поврза една пријателка. Пред сè, беше интересно и возбудливо што некој решил да учи македонски јазик и со таков ентузијазам се интересира за земјава. Што истражува нешто ново, поинакво, а потекнува од Кина, од источниот свет, каде луѓе често не знаат да ја покажат на мапата, или воопшто не слушнале за Македонија.

Неговата животна приказна е исто така уникатна. Роден е во кинеската провинција Хунан, на јужниот брег на реката Јангце. Бил научник во 1990-ите и завршил еколошки науки на кинеската Академија за науки. Потоа, на 25-годишна возраст ја запознал жена му во Пекинг, која имала 19 години и студирала кинески јазик. Подоцна се заљубиле, земале, па преселиле во Братислава во 1997.

„Се занимавав со разни професии. Околу три години развивав софтвер, но, подоцна сфатив дека не сум човек кој може да троши часови и часови на такво нешто. ОК, профитабилно е, но во мои очи – досадно. Така, се откажав и подоцна стартував весник за локални кинески бизнисмени. Во тоа време имаше доста кинески компании во Словачка и блиските земји. Тоа траеше три години, за потоа голем дел од компаниите да си заминат во 2012 година“, раскажува Јунг.

Пол Јунг

Сепак, за него претставувало одлично искуство, затоа што преведувал прописи, закони, политики. Пишувал разни вести, статии, фотографирал, па запознавал и европски култури, учел за историите, туризмот…

„Беше многу интересно, но тоа заврши и основав сопствена туристичка агенција. Почнав да организирам патувања за туристи, сè до Ковид. Сега, полека го рестартирам овој патувачки бизнис, бидејќи многу ми се допаѓа. Се сметам за екстровертна личност, ги сакам луѓето и фасцинантно е да познавам толку многу луѓе и имам бенефит од многу контакти“, раскажува Јунг.

На прашањето зошто баш македонскиот јазик, тој вели веројатно затоа што неговата сопруга е Словенка, oд словенската група народи. Живее во Словачка скоро 30 години и таму научил словачки јазик. Течно го говори, дури го студирал половина година на Универзитетот Комениус (Komenského).

„Прво, не бев сигурен за изборот на македонскиот или бугарскиот јазик и се двоумев. Прочитав неколку бугарски текстови и некако ми одеше тешко. Но, тогаш прочитав параграф на македонски јазик и разбрав околу 80%, па реков – ова е тоа! Има нешто што ми е при срце, природно и лесно, на некој начин. И ете, пробувам да го учам од мај 2022. Плус, бев во група на Фејсбук, а админот беше Македонка. Таа ме охрабри“, низ смеа вели Јунг.

Низ муабетот, кажува словачка поговорка, која звучи слично и кај нас „Колку јазици знаеш, толку повеќе вредиш“. Смета дека не е на возраст да брка некаква академска кариера користејќи го македонскиот јазик. Но, во секој случај, вели тој, добро е да комуницира со македонски пријатели, минувачи и секојдневни ситуации.

„Можеби еден ден ќе читам македонска литература, бидејќи истовремено сум преведувач. Преведов многу дела од словачки на кинески јазик. Кој знае, можеби некогаш и од македонски на кинески“, вели Јунг.

Веќе знае некои зборови, се снаоѓал додека шетал да си купи интернет од провајдер, додека се вози во „5-ка“, или си купи цигари од продавница. Гледа сличност и со зборовите во Словачка.

„Во Словачка, користиме зборови за одредени работи, но некои се дијалекти. Пример, ако кажеме компири, на официјален словачки се изговараат ‘земјаки’, но на северот ги викаме ‘кромпири’. Што е многу блиску до македонските ‘компири’.  Но, она што највеќе ме фасцинира е македонската граматика. Има нешто уникатно, автентично. Најпрво, не користите падежи како на другите словенски јазици или на Словачка. Имаме акузатив, датив, генитив… но вие користите ‘Ја сакам Македонија’. Многу е логично, без падежите“, посочува Јунг.

Друго што му се допаѓа се наставките. На пример, македонски-от јазик.

„Ставате -от. Човек-от. Рака-та. Чаша-та. Тоа е фасцинантно! Уште од дете имав интерес за странски јазици, како инспирација, а истовремено размислувам и на кинескиот јазик, кој е многу стар и можеби му треба реформи. Така, можеби, во иднина ќе искористам некои од идеите на македонскиот јазик, граматиката, за да ги применам и во кинескиот, кој знае. Затоа што ова е генијално. Исто така, го немате инфинитивот, што е во ред, бидејќи го користите ‘да’. Сакам да спијам. Сакам да одам. Сакам да гледам. Тоа, е многу логично и кога почнав да го учам – напишав многу реченици. Можностите се огромни! Произлезе и една поема“, вели Јунг.

Додека шетал низ Скопје имал време да ја разгледа Старата турска чаршија, минал низ ресторани, разни места, улици. Веќе има некаква претстава за градот, урбанизацијата, инфраструктурата, но и навиките на луѓето. Има доста прочитано за Скопје и Македонија, но не е тешко човек да сфати „колку е часот“ за развојните, политички или еколошки аспекти со неколку погледи низ јавниот простор.

„Всушност, се работи за доста голем град, поголем од Братислава, која има популација од 400.000. Видов многу интересни и фасцинантни работи, но, од друга страна, ако бидам искрен, од некои се депримирав. Сите тие луксузни згради, сите тие скулптури се огромни. И сакам да прашам дали народот се согласил со нив? Ова прашање многу ме мачи. Пример ќе дадам со Тајван, земја мала како Македонија, па можеби е добра споредба. Во Тајпеј, главниот град, постои висока зграда, но останатите куќи се многу стари. Останав две недели во куќа на професор од локалниот Универзитетот . И нивните куќи, области се можеби 1.000 години и изгледаа многу стари, а улиците чисти. Исто така, имаат фантастично, веројатно најдоброто здравство во светот. Нивниот образовен систем е фантастичен. Секоја година поттикнуваат таленти, за да дипломираат и работат во секоја гранка. Ова е суштината! Затоа што владите треба да размислуваат за благосостојбата на луѓето, а не за личниот интерес, за сопствената слава и сл“, вели Јунг.

Според него, акцентот треба да е на здравството, како децата одат на училиште, факултет, каков е јавниот превоз, животната средина. Тоа, вели тој, треба да се основните интереси на една влада.

„Веројатно сте слушнале за ‘мека моќ’. Што е мека моќ? Не се овие огромни зданија, скулптури, трговски центри, или автомобили. Заборавете на нив. Тоа се материјални работи кои сакаат да нè поробат. Она што е поважно е духот, културата. Тоа е фасцинантно и тоа е засекогаш. И мислам дека секоја влада, секоја нација треба да ги нагласи. Да најде која е вистинската мека моќ. Тоа е добра инвестиција. Малку вложуваш во културата, но наградата е огромна! Не е како да вложиш 200 милиони евра во некое глупаво шоу, прозорец за странците, а наградата е нула. На пример, да вложиш 20.000 евра, што не се големи пари – на писатели, поети, уметници, но наградата е голема. Македонија може да учи од другите земји кои навистина инвестираат во културата, во меката моќ“, нагласува Јунг, симболично додека седиме во МКЦ кој прославува 50-годишнина од постоењето.

Кинезот планира да го подобрува својот македонски јазик при комуникација со локалците, па по нашиот разговор планира да прошета до Матка, потоа и до Охрид. Има слободно време да патува и до други балкански земји. Веќе 30 години му е сон да купи парче земја, можеби стара куќа. Можеби и да постави соларни панели, или други начини за енергија, за да не му треба јавна струја.

„Ќе ископам бунар, би сакал да култивирам зеленчук, бидејќи ова е најприроден начин. Пермакултурата е пријателска кон околината. Не сакам да бидам роб на овој материјалистички свет, капитализмот. Сакате да бидете слободни? Тогаш оставете ги тие работи. Лично, сакам да ги продадам двете коли, не ми требаат, нема да ги носам во гроб. Не сакам да јадам многу месо, доволно ми е да имам зеленчук, можеби одвреме-навреме риба, јајца. Поважно е да бидам слободен. Сите ја бараат слободата. Но, вистинската слобода е внатре. И мислам дека секој има вредност и способност да го постигне ова. Многу луѓе велат ‘Ќе почекам кога сè ќе биде подготвено’. Не! Oбидете се сега“, посочува тој.

Според него, многу луѓе, дури и западните луѓе се разбудиле, откриле дека ваквиот живот е стресен. Односно, животот го живеат за другите луѓе, а не за нив самите. Го споменува и она „Nothing is something worth doing“, што е името и на една впечатлива трака од проектот „Shpongle“. Убавината во „правењето ништо“ е своевидно мото на Пол Јунг.

„Не значи дека ништо не правите, туку значи повеќе да го цените животот. Живејте поприродно, автентично за себе. Имаме само еден живот и не е разумно да го живееме лажно. Ако мислите на вашиот живот само од 9 до 5 часот, или навечер, за кого живеете? Современото општество ве принудува да верувате дека ви требаат многу работи, па станувате зависни. Но, всушност не ви требаат. Погледнете ја цената на недвижностите во градовите. Ако купите, цел живот ќе станете роб на банките, ќе плаќате хипотека. Тоа не е среќен живот, туку модерно ропство“, посочува тој.

На крајот, вели дека во Македонија имаме толку многу природни убавини и национални паркови. Ќе посети некои од нив, можеби Шара, Маврово. Ги наведува и езерата како Охридско, Преспанско, но и традицијата на вино.

„Вие сте способни луѓе, само треба добро да се однесувате кон себе и да ги сакате блиските. И да ја сакате животната средина. Без омраза. Само треба да се биде автентичен“, констатира Јунг.

Бојан Шашевски