Здравјето на граѓаните често зависи од врски, подароци и банкноти

Kако изгледа здравствениот систем кога вашето здравје зависи од тоа дали имате пари, врски или време да чекате термин?, прашуваат од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ кои објавија истражување „Доктор Рушвет: Анализа на фокус групи за корупција во здравство“.

Од Институтот велат дека ги слушнале гласовите на граѓаните, од урбани и рурални средини, со различен економски статус и животни искуства, кои отворено зборувале за своите исксутва со јавниот и приватниот здравствен систем.

„Анализата ‘Доктор Рушвет’ открива како неформалните плаќања, подароци и ‘врски’ се претвораат во неизбежна влезница за навремена и квалитетна здравствена грижа“, посочуваат од Инстутотот.

Исто така, економската состојба директно го одредува пристапот до лекување, а јавното здравје е во сенка на приватнниот сектор, кој не секој може да си го дозволи.

„(Воедно) пациентите се соочуваат со недостаток на термини, дискриминација и злоупотреба на довербата, додека неказнивоста и недовербата во институциите ја гушат мотивацијата за пријавување на корупција“, стојат како заклучоци од документот.

Извор: ИДСЦ

Квалитет на здравство

Во 2023 година, вкупно 32.686 лица биле вработени во здравствениот систем, од кои 6.225 лекари, 3.798 лекари специјалисти, 2.739 здравствени соработници, 15.614 здравствени работиници со висока, виша и средна стручна подготовка, 5.091 немедицински персонал.

Се бележи намалување од 858 вработени, споредено со 2019 година.

„Сепак според податоците на Евростат од претходните години, повеќето категории на здравствен кадар во Македонија остануваат под европскиот просек, вклучително и бројот на доктори. Во државата има 449 кревети на 100.000 жители (или вкупно 8.769 болнички кревети), додека просекот на Европската унија изнесува 524 кревети“, нагласуваат истражувачите.

Стратегијата за здравство 2020-2030 препознава дека самата здравствена инфраструктура останува „старовремска“ од аспект на модернизација, економичност и квалитетно опкружување на пациентите.

„Учесниците генерално искажуваат незадоволство од квалитетот на јавното здравство, а некои разочараност и лутина. Тие го посочуваат недостатокот на термини, медицински и помошен кадар, ресурси, лошата услуга и непрофесионалност и корупцијата како клучни проблеми во јавното здравство. Според нив, особено проблематичен е дефицитот на кадар кој е евидентен низ здравствените уставови низ државата“, се вели во анализата.

Односот со приватното здравство

Фондот за здравство има склучено договори со приближно 1.500 приватни здравствени лица и организации.

Постојат и приватни здравствени организации што немаат договори со Фондот, како стоматолошки ординации, аптеки и други специјализирани установи. Во 2023 година, Фондот им исплатил на приватните установи вкупно 10.272.306.000 денари, што претставува околу 24% од вкупните годишни расходи.

„За испитаниците со пониски примања, јавното здравство е примарен избор, но доколку не можат да добијат термин или услуга, се обраќаат во приватното здравство или ги игнорираат здравствените проблеми“, пишува во анализата.

Илустративно фото: Енвато

Иако здравствено осигурани, оние кои можат да си дозволат сепак се одлучуваат за приватно. Позитивните ставови или преференции за приватното здравство најчесто доаѓаат од вработени во приватниот сектор, граѓани во подобра финансиска состојба или пензионери.

Подобри доктори, помодерна опрема, техничка подготвеност, брза услуга и љубезност на медицинскиот персонал… се најчестите причини за да се оди „на приватно“.

Форми на корупција во јавното здравство

„Корупцијата во здравството има сериозни последици врз пристапот, квалитетот, еднаквоста и правичноста, ефективноста и ефикасноста на здравствениот систем“, стои во анализата.

Истражувачите се повикуваат на повеќе документи. Во истражување на јавното мислење во Македонија од 2021 година, спроведено од Националниот демократски институт, третина од испитаниците сметаат дека здравствените институции се меѓу најкорумпираните – веднаш по судството и обвинителството.

Во друга студија на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, во две болници во Македонија, 4% од испитаниците изјавиле дека од нив биле побарани пари, подароци или услуги за да добијат медицинска услуга. Според авторите, доколку бројот на случаи на терцијерна нега се проектира, секоја година би се регистрирале најмалку 6.749 случаи на притисок од корупција во обезбедувањето здравствени услуги.

Во конкретниот случај, поткупот се движел од 20 до 200 евра, што значи дека вкупната номинална сума на извлечен поткуп годишно изнесува од 135.000 до 1.350.000 евра.

Извор: Анализа на ИДСЦ

„Учесниците во фокус групите ги посочија следниве коруптивни практики во јавното здравство: поткупот, давањето подароци, користењето на врски, недостатокот на термини, дополнителната дејност на докторите од јавниот сектор и поврзаноста на здравствените работници со приватни економски субјекти“, е наведено во новото истражување.

Дури 40% од учесниците дале поткуп или подарок за да добијат здравствена услуга.

Извор: Анализа на ИДСЦ

„Учесниците споделија различни искуства, при што висината на поткупот варирала во зависност од ситуацијата – од 200 денари до 2.000 евра за конкретна услуга во јавното здравство. Во поголемиот број случаи испитаниците наведоа примери за исплата на пари, додека во една ситуација беше даден пример каде е побарана услуга. Во однос на примателот на поткупот, учесниците ги посочија и докторите и помошниот медицински персонал“, пишува во анализата.

Извор: Анализа на ИДСЦ

„Дел од учесниците прават разлика помеѓу поткуп и подарок, при што го рационализираат подарувањето како начин за изразување благодарност и задоволство за квалитетната услуга што ја добиле“, стои дополнително во документот.

Користењето познанства или врски, пак, се исклучително честа појава и ефикасен начин за добивање побрза или поквалитетна здравствена услуга.

Политики за справување со корупцијата

Како клучна политика за справување со корупција е споменато зголемувањето на платите во јавното здравство.

„Недостатокот на кадар креира зависност на пациентите од малиот број доктори. Зголемување на бројот на кадар би го намалило ризикот од неизбежен контакт и би овозможило квалитетна алтернатива, доколку се пријави конкретното лице. Друго решение е напуштање на културата на неказнивост, односно успешна институционална разврска која ќе ги казни ваквите случаи“, е наведено во анализата.

Успешноста на борбата против корупцијата во здравството не е изолирана и зависи од присутноста и третманот на корупцијата и во другите области, сметаат дел од учесниците,  а постојат и ставови дека намерно се дозволува да тоне квалитетот на јавното здравство, вклучително и преку корупција, со цел приватното здравство да профитира.

Не е се’ така црно

Анализата бележи и светли примери, лекари со интегритет, професионалност и исклучоци кои покажуваат дека промена е можна.

Таа исто така го разгледува и ставот на граѓаните за тоа што треба да се преземе – од повисоки плати и повеќе кадар, до јасни санкции за злоупотребите.

Бојан Шашевски