Анкета на ИДСЦ: Граѓаните најмалку веруваат на судството и обвинителството, а најмногу во верските заедници и војската

Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5.1), војската (5.1) и полицијата (4.3) покажува последното истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦ) подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“.

„Краткиот извештај од годишното истражување за јавната перцепција за работата на Собранието, квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во институциите во Северна Македонија содржи информации што се основаат на ставови од граѓаните во кои тие дадоа оцена на низа прашања на скала од еден до 10“, велат од ИДСЦ.

Извор: Анкета на „Програмата за парламентарна поддршка“

Во однос на најважните институции во политичкиот систем, Претседателот на државата има највисока доверба  – 3.6, додека најниска оценка доби судството со 2.7. Собранието (3.4) и Владата (3.3) беа оценети речиси исто. Граѓаните имаат ниска доверба и во јавното обвинителство (2.7) и во политичките партии (3.0). Генерално, се забележува ниска доверба во сите општествени чинители и државни институции.

„Истражувањето покажува дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69%), додека најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80%). За време на фокус-групите, Албанка од Тетово рече ‘Масовно иселување на младите, укажува на тоа дека работите не се како што треба’, додека Македонец од Кавадарци вели ‘Со платата не можеш да ги покриеш основните потреби’“, посочува ИДСЦ.

Извор: Анкета на „Програмата за парламентарна поддршка“

Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓани (79%) е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Според учесниците на фокус-групите постои „строга партиска хиерархија каде што повисоките елити се договараат, а другите спроведуваат“ (етничка Албанка, Гостивар, 30-51).

Малку повеќе од половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.

„Според зборовите на еден од учесниците во фокус-групите ‘Изборниот модел е грешен – се гласа возот, а промашена е локомотива и чекаме таа да нѐ води. Крајно реме е за пратеници да избираме луѓе, а не партии. Моментално имаме само партиски војници кој не смее да се спротивстави на партискиот шеф’“, соопштува ИДСЦ.

На прашањето „Доколку изборите се одржат следната недела за која партија би гласате?“ повеќе од половина од испитаниците одговориле дека не би гласале или дека не знаат за кого би гласале. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 17% од испитаниците, за СДСМ 12%, ДУИ доби поддршка од 8% од анектираните граѓани, 4% изјавиле дека би гласале за Левица, 3% за Алијанса за Албанците, додека 1% поддршка доби Движењето Беса.

Голем дел од испитаниците одговориле со „не знам“ или „нема да гласам“, со образложение дека „Пред гласање ти доаѓаат пред врата – сега [по избори] за било што нѐ избегнуваат. Нивните интереси си ги извршуваат“ (етничка Македонка, Штип, 51-65).

„За подобро да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, во текот на истражувањето беше употребена вежба со персонификација, при што побаравме од учесниците да поистоветат политичка партија со бренд на автомобил. Учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со скапи и брзи коли, но истовремено и со автомобили кои често се расипуваат и за кои е потребен скап сервис“, велат од ИДСЦ.

Инаку, теренската анкета била спроведена во периодот 22 февруари – 9 март 2023 година со примерок од 1.002 испитаници над 18-годишна возраст на целата територија на државата, преку методот лице в лице.

Оваа публикација е подготвена од ИДСЦС во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) која е финансирана од Владата на Швајцарија, а ја спроведува Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центар за управување со промени (ЦУП).

Бојан Шашевски