ИДСЦС: 65 отсто од испитаниците сметаат дека КОВИД-19 е креиран во лабораторија

72% од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 % мислат дека КОВИД-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, а 46% дека климата се контролира со сателити и радари.

Ова се само дел од податоците од анализата „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“, изработено од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје. Анализата ги обработува разбирањето на политиката, но и теориите на заговор.

Дополнително, во анализата се вели дека 44% дека се запишани повеќе мртви од КОВИД бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46% дека од авиони се прска вирусот, 29% мислат дека климатските промени се измислица и 57% дека големите медиуми шират лаги.

„Сè поголемата тенденција на верување во теориите на заговор укажува на потенцијална злоупотребана ранливоста на граѓаните за политички придобивки од страна на популистички политичари, кои најчесто користат разгорувачка реторика за добивање политички поени“, се вели во анализата.

Според анализата, генерацијата помеѓу 30 и 39 години се поскептични кон теориите на заговор во споредба со другите возрасни групи.

Оттаму, оваа група значително помалку се согласува со теориите дека пандемијата е креирана во лабораторија со цел контрола на луѓето (63%) во споредба со другите возрасни групи, каде што процентот е над 70.

„Слично е и во однос на теоријата за сателитска контрола на климата, со која се согласуваат 47% од оваа генерација, а кај другите генерации, над 55% од лицата го делат ова мислење. Сличен обем на разлика постои и во однос на ставот дека Министерството за здравство потплаќало семејства да пријават починати од КОВИД-19. Во однос на другите теории оваа генерација не се издвојува, односно нема значајни разлики“, покажува анализата.

Кога станува збор за политиката и политичкиот живот, испитаниците од анализата доминантно ги разбираат овие две сфери како борба на „ние наспроти нив“, а помалку како дејност преку која треба да се овозможи решавање на општествените проблеми, во согласност со интересите на различните групи.

„Високото ниво на недоверба во демократските институции и правилата на игра влијае и врз зголемувањето на ранливоста кон теориите на заговор, коишто се сè поприсутни на глобално ниво“, се вели во анализата.

Големо мнозинство од испитаниците се согласиле со  тврдењата „Политичарите и елитата често го изневеруваат народот“ (86%), „Политичарите повеќе зборуваат отколку што преземаат нешто“ (83%), и „Политичарите коишто тврдат дека ги бранат нашите интереси всушност се грижат само за себе“ (82%).

Воедно, големо мнозинство од 81% од испитаниците се согласиле дека „Веднаш штом ќе добијат на избори, политичарите мислат дека се подобри од луѓе како мене“, додека помалку од 5% од нив изразиле несогласување со ова тврдење.

Во анализата учествувале 1000 испитаници над 18 години, а прашалникот бил изведен на македонски, албански и англиски јазик.