[Анализа] „Лична карта“ на јавните претпријатија – долгови и број на вработени

Во земјава има 149 јавни претпријатија на локално и на централно ниво од различни сектори. Голем дел од нив се потонати во милионски долгови а поради енергетската криза  јавните комунални претпријатија најавија банкрот – клуч на врата и отпуштање на вработените, пишува Порталб. Во каква финансиска кондиција се јавите претпријатија и колку вработени опфаќаат?

Финансиски сметки во „минус“, доспеани а неплатени долгови…

Од вкупниот број на 149 Јавни претпријатија во целата држава , 109 се Јавни комунални претпријатија формирани на локално и на централно ниво, како и од Град Скопје.

Само Владата е основач на 14 јавни претпријатија и од нив 10 тина  се во „минус“ во првата половина од оваа година. Најголеми „загуби“ во период од јануари до јуни прикажале ЈП Национални шуми кои се во минус со 2,7 милиони евра, ЈП МЖ Инфраструктура со 2,1 милион евра и ЈП Стрежево Битола со негативен финансиски резултат од 1,5 милион евра.

Во тешка финансиска кондиција се наоѓаат јавните комунални претпријатија. Од вкупниот број на јавни претпријатија, повеќе од 130 се основани од општините и Градот Скопје, а конкретно само во надлежност на Град Скопје се осум Јавни претпријатија. Аларм за состојбата вклучија  градоначалниците на дел од општините – со предупредување дека се доведуваат во прашање услугите што ги добиваат граѓаните од комуналните претпријатија. Енергетската криза дополнително ја влоши финансиската состојба со оглед на тоа што голем дел од комуналните претпријатија се наоѓаат на должничка листа – со доспеани а неплатени обврски по различни основи.

Според долговите на новата листа на високо второ место е МЖ Инфраструктура со долг од скоро 26 милиони евра.

                     Доспеани а неплатени обврски на ЈП и ЈКП   (јуни 2022)

МЖ Инфраструктура                                 25,9 милион евра

ЈП Колекторски систем Скопје                  8,8 милион евра

ЈП Водовод Куманово                                 8,2 милион евра

ЈП Водовод и канализација -Скопје             7,3 милион евра

ЈКП “Тетово”                                                       5,4 милион евра

ЈП Водовод  Охрид                                            5,1 милион евра

ЈСП  Скопје                                                           3,5 милион евра

На должничката листа се комуналните претпријатија од речиси сите градови, ЈП Чистота – Куманово, ЈСП – Скопје, ЈП Комуналец Струмица, ЈП Комуналец Гостивар, ЈП Водовод Струга, ЈКП Дебар, ЈКП Свети Николе и други.

Вработени во Јавните претпријатија…

Во сите јавни претпријатија според податоците од Министерството за информатичко општество, во 2021 та година работеле 18 146 вработени а според податоците од асоцијацијата на комунални претпријатија АДКОМ само  во комуналните претпријатија работат 15 000 луѓе.

Според бројот на вработени предничи Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП  кое под “капа “ на Град Скопје. За финансиската 2021 прикажало загуба од 3,3 милиони евра а во него лани биле вработени 1 325 луѓе.

Уште едно ЈП основано од Град Скопје е со голем број на вработени – ЈП Комунална хигиена Скопје со 1321, лани ова ЈП прикажало нето-загуба од 700 000 евра.

На трето место со 1 224 вработени е  ЈП Водовод и Канализација Скопје , ЈП кое котира на должничката листа со милионски доспеани а неплатени обврски но и со генерирана загуба од скоро 1,1 милион евра во календарската 2021 година.

Со над 300 вработени се и Јавните комунални претпријатија : ЈКП Дервен- Велес, ЈКП Комуналец Прилеп, ЈКП Струмица, ЈКП Комуналец Кавадарци, ЈП Паркови и зеленило.

Јавните претпријатија често се коментираат како “јасли“ за згрижување на партиски кадри а оние со најголем број вработени во повеќе случаи покажуваат и најслаба ликвидност.  Од АДКОМ подолг период бараат помош и логистика од Владата за да се премости енергетската криза кој резултира со драматично високи сметки – зголемени повеќекратно. Без помош од централната власт,  менаџерите најавија дека ЈП ќе престанат со давање на услуги за граѓаните а вработените ќе бидат отпуштени од работа.

Извор: Порталб.мк