Виктор Јакимов, ученик од средното приватно школо „Нова“, е новиот претседател на Сојузот на средношколци. Тој беше избран на 25. Генерално собрание и четвртиот конгрес на Сојузот, настан одржан во Собранието на Македонија.
Јакимов од септември ќе учи трета година, а мандатот ќе му трае додека не го заврши средното образование.
Во разговор со Радио МОФ, новиот претседател најави две работи.
„Првата е градење на платформа, каде ќе има едукативни ресурси за сите средношколци. Таа ќе им помага да се припремаат за тестови. Платформата ќе има форум, квизови, мок тестови итн. Втората е реструктуирање на Сојузот за поефикасна работа и, едноставно, сите да бидеме поактивни“, посочува Јакимов.
Реструктирањето, објаснува тој, ќе значи повеќе состаноци и зголемување на нивната продуктивност, а планира да се додадат и нови комисии, кои, како што вели, ќе покриваат различни теми.
„Ова значи, поголем број од нашите младински амбасадори и членови ќе можат да присуствуваат во работа на Сојузот. Исто така, планираме една комисија само за тренинг на младинските амбасадори и членовите. Таа комисија ќе ги информира за се’ што се случува во Сојузот на средношколци, проектите што ги работиме и иницијативите кои ги поддржуваме“, нагласува Јакимов.
На прашањето кои се најголемите проблеми кои треба да се решаваат на средношколците, како прва ја споменува достапноста на ресурсите за учење.
„Ако споредиме со други држави, особено каде има повеќе луѓе кои го зборуваат јазикот, постојат многу повеќе ресурси што се бесплатни, дури има и платени што помагаат на образовниот процес на секој ученик. Кај нас тоа не е толку воспоставено, па затоа ја планираме платформата. Друг проблем, е неактивноста на средношколците во воншколски активности. Тој проблем донекаде ќе биде решен со новата Концепција за гимназиско образование, а ние дефинитивно ќе помогнеме со тоа што ќе нудиме начини да се исполнат задолжителните волонтерски активности за средношколците“, посочува Јакимов.
Досега, организацијата „Еквалис“ на повеќе пати лобираше во формалното образование да се вметне Програма за служба во заедницата. Таквиот предлог дојде во 2021 година, а потоа со текот на времето и Сојузот на средношколци ја застапуваа иницијативата, откако повеќе истражувања од изминатава деценија покажуваа дека голем број млади луѓе не се ангажираат, не се заинтересирани ниту да помагаат, ниту се одговорни за се’ она што се случува во нивната средина.
Исто така, проблемот е што сите активности и иницијативи поврзани со проактивност или помагање во локалната заедница се надвор од формалниот образовен систем и, како такви, нивната вредност е донекаде непризнаена.
Ако некогаш генерации млади луѓе биле поттикнувани да помагаат за пошумување на Водно, да учествуваат во студентски акции за спасување по скопскиот земјотресот, во ударнички акции за изградба на болници и разни објекти, во акции за помош на социјално загрозени… работата е денеска таквиот „мајндсет“ да се создава уште од школо. Да не биде оставено само на наставници ентузијасти, на невладини организации, туку на организиран систем, со корени всадени на локално ниво.
„Покрај позитивните страни, образовниот систем има и доста проблеми и негативности. За да се решат, ние треба да сме активни и да се слушне нашиот глас. Дефинитино мислам дека со дел од Концепцијата за гимназиско образование ќе пробаме да го решиме таквиот проблем“, вели Јакимов, дополнувајќи дека тоа за средношколците би значело чистење на дворовите на школите, па се’ до волонтирање за организации, од аспект на екологија, социјала, култура…
Во однос на превозот за учениците, ќе продолжи каде запреле неговите претходници Берим Мухамед и Лука Павиќевиќ, откако и Уставниот суд се произнесе дека треба бесплатен превоз за сите средношколци, без разлика дали се од јавни или приватни средни школи. Тој процес закочи на линија МОН – Град Скопје.
„Ќе пробаме да работиме со надлежните институции, за на крај дојдеме до решение на проблемот. Уставниот суд укажа дека постои дискриминација (меѓу ученици од приватните и јавните)“, нагласува тој.
Во однос на дигитализацијата, како и за останати средношколски проблеми и потреби, ќе разговараат со различни институции, но, вели Јакимов, не е реално да очекуваат се’ да биде перфектно.
„Тоа не е само кај нас, секаде во светот. Затоа ние мораме да правиме промени, за се случат тие промени и да имаме повисок квалитет на живот.Оттука, ќе ја продолжиме соработката со организационото биро на Сојузот на средношколци на ниво на Европа и ќе ја продолжиме работата на претходните наши претседатели, а, секако, ќе додадеме и наш шмек“, констатира Јакимов.
Бојан Шашевски
Фото: Сојуз на средношколци