[Став] Децата да не ги прашуваме што сакаат да бидат, туку како ќе помогнат кога ќе пораснат

Бојан Шашевски

Неодамна проследив интересен онлајн Форум, каде една работа ми остана во глава, многу важна и есенцијална: „Децата веќе не треба да ги прашуваме што сакаат да бидат кога ќе пораснат. Туку, кои проблеми сакаат да ги решат кога ќе пораснат. Каде и како сакаат да помогнат“. Оваа констатација излезе од уста од еден говорник, ми влезе во едното уво и не ми излезе од другото. Остана во глава. Уште ми „зуи“. Бидејќи, погоди во центарот за она што треба да значи генерациска ангажираност, во склоп со локалната развојна демократија. 

Ова не само што помага младите да не прераснат во егоистични особи, туку нивната професија/идна дејност да се заснова на солидарност, проактивност, да има некаква цел, а потоа тоа да се трансформира во една колективна ангажираност за социјални, образовни, културни или еколошки промени. Пред се’, прво на локално, па потоа на пошироко национално ниво.

Ако останеме единствено да вгнездуваме во главата дека е „битно да се работи нешто“ или да даваме ветер во грб на еднонасочен кариерен колосек, така само (до)даваме гориво на нефункционална капиталистичка машина која продуцира незаинтересирани, апатични и сервилни луѓе. Но, од друга страна и индивидуално затворени луѓе што трагаат по сопствен успех, во постојана бркотница по „статус“, без идеја и желба да се поврзат со потребите на локалната заедница. Така, се вртиме во круг, додека општеството е заглавено во сопствената неумешност да си помогне себеси.

Дијагноза за „младинска неангажираност“

Потребата за проактивност, ангажираност и младинско учество, на линија со должности кон заедницата, може да се увиди доколку се погледнат неколку неодамнешни истражувања. За да се утврди дијагнозата, па понатаму да бараме соодветен третман.

Главните наоди од истражувањето „Потреби на младите на локално ниво”, спроведено  од Здружението „Младите можат“ во декември 2020, покажаа дека огромно мнозинство од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во општината. Односно 70.4% (Аеродром), 79.8% (Ѓорче Петров) и 72% (Карпош).

Исто така, истражувањето „Младинско статус кво – 10 години стагнација“ на МОФ потврди  дека за половина од младите грижата кон заедницата не е нивна обврска – релативно е мал интересот за граѓански ангажман, а една четвртина од средношколците не би учествувале во волонтерски активности.

Една третина се на ставот дека „ништо нема да сменат“.

Над 70 отсто од средношколците изјавиле дека сметаат дека другите луѓе ќе се обидат да ги искористат. Уште повисок е бројот кај студентите, 86 отсто, кои сметаат дека при комуникација, другите луѓе нема да бидат фер.

Според друго истражување на МОФ и ВФД, „Социо-политичко учество на младите“, само 8 отсто од испитаните млади биле вклучени или консултирани од институциите при носење на одлуки на локално и централно ниво. Ова, ја покажува и недовербата кон донесувачите на одлуки во системот.

Во поглед пак на должностите од Законот за млади, во анкета на Радио МОФ, само 3 од 16 организации рекоа дека нивната општина обезбедила младински простор. Тоа се токму простори каде младите би се спојувале, дружеле и активирале.

Истовремено, скоро сите организации во нашата анкета наведоа дека имале намалување од 80% на теренските активности во време на пандемијата. Ова значи, требале да ја реобмислуваат врсничката едукација, имале ограничување на волонтерски иницијативи, пропаднати пракси, но и помалку работа со млади на локални акции во заедницата.

Програма за служење на заедницата

Во однос последново, „Еквалис“ токму затоа предложи Програма за служење на заедницата, за која рекоа дека не постои во училиштата. Пред се’, се увиде потребата од солидарност и нужност граѓаните да покажат општествена одговорност. Второ, и исто толку важно, младите вклучени во образовниот процес, долго време беа збунети и без речиси никаква обврска или, пак, со драстично изменет облик на обврски во/кон училиштето.

Ваквата ситуација има потенцијал да придонесе кон еден феномен од којшто македонското општество беше вложено да излезе – општествената апатија. Затоа, освен преку учество во граѓанските движења и иницијативи – еколошки, социјални, културни или хуманитарни – целта е преку ваква или слични Програми да се допре до учениците, додека учат во школо, таму да се развиваат во луѓе што сакаат да помагаат.

Пример, средношколците преку формалниот систем, би се поттикнувале за општествено корисна работа преку ментори, низ 10 часа служба на заедницата. Учениците да се ангажираат и собираат донации за социјално загрозени семејства, да волонтираат за лица со нетипичен развој, за подобрување на родовата еднаквост… Листата на можности нема крај.

За жал, сите овие активности се’ уште се надвор од формалниот образовен систем и, како такви, нивната вредност е донекаде непризнаена. Ваквите проблеми се „заглавени“ во невладиниот сектор, дел од нив завршуваат како подзаборавени книгички на некоја полица, без долготраен ефект, туку само активни додека заврши проектот. Не дека невладиниот сектор не помага за ангажман на младите, напротив, работата е да се одвива паралелна едукација.

Ако некогаш генерации граѓани биле поттикнувани да помагаат за пошумување на Водно, да учествуваат во студентски акции за спасување по скопскиот земјотресот, во ударнички акции за изградба на болници и разни објекти… зошто и денеска таквиот „мајндсет“ да не се создава уште од школо? Да не биде оставено само на наставници ентузијасти, на невладини организации, туку на организиран систем, со корени всадени на локално ниво.

Ефективни чекори на локално ниво

За да зборуваме за проактивни локални млади, ова по автоматизам подразбира потреба за зајакнување на меѓучовечките односи, генерално на сите – солидарност, почит, емпатија и хоризонтална размена на ресурси. Истовремено и (репризно) навраќање и фокусирање на основните проблеми во самите маала, каде почнува се’. Како заеднички да решаваме проблем со локален водовод, проблем со лифтот, патот до школото, каде е местото на ѓубрето во маалото, дали паркот или детското игралиште е сразмерно со бројот на жители… Па се’ до повторно учење како се „читаат“ ДУП-ови, што се тоа јавни презентации/јавни расправи, како и кому да пријавам некоја работа што ми го загрозува квалитетот на живот, како да се формира локална иницијатива (законски алатки за организирање на локално ниво), со помош на граѓански претставници во Советите.

Помош треба да доаѓа и преку дигиталната и медиумската писменост, таа да се искористи за да се создадат т.н. „активни дигитални жители“. Младите да знаат што значи одговорност во јавен простор (ако имаме на ум дека секаков надворешен или онлајн социјален простор е и јавен простор), тоа да го истористиме за бенефит во заедницата. Паралелно, критички да опсервираат работи во дигиталната зона, но и да бидат активни. Пример, денеска постои change.org. Секој во секое време може да потегне онлајн петиција. Да се вклучи, да собира мислења, да дава мислења, да креира јавно мислење. Може да пријави загадувач преку платформа на Горјан Јовановски. Може да пријави дискриминација или корупција преку десетици алатки на невладините организации.

Изминативе години динамиката на ширењето на ваквите знаења, размислувања, сфаќања за односот и можноста на заедницата и, оттука, согледување дека нештото што секојдневно го гледаме е проблем (тргнувајќи од тоа дека проблем станува проблем само ако повеќемина мислат и чувствуваат дека е проблем, па со тоа станува општ заеднички принцип) – се убрза со помош на ред локални граѓански иницијативи, пред се’ зелените. НаТочак, Не биди ѓубре, Петоци за иднината, Зелен хуман град, Охрид СОС, иницијативи во Карпош, Тетово, Гостивар за Русино…

Помогна и неспособноста на целиот партиски неодржлив систем да даде некакви долгорочни резултати и наместо да нуди обединувања и консензус за егзистенцијални општествени прашања – нуди клиентелизам и селективност на одговорност, а локалниот активизам го сведе на партиски активизам.

Се сложувам со професорот Иво Босилков кога вели дека процесот на окрупување на се’ она што значи локално, она што значи развојна локална и директна демократија, преку нов вид на уредување, треба да биде органски. Се’ со цел да се одржи таа активна состојба на (себе)разбирање, на сопствените одговорности и сопствените можности, со тоа и можноста за разбирање на улогата на нов вид на здружување. Па, тогаш ќе можеме да зборуваме за „јакнење од индивидуално на колективно ниво“.

Тоа значи дека треба уште време, нерви, опстојување на идеја, гледање во иднината на моето дете и детето на моето дете. И, тие да продолжат да ги тераат овие процеси. Уште од мали, да не ги учиме што сакаат да бидат кога ќе пораснат, туку како ќе се ангажираат и помогнат кога ќе пораснат. Бидејќи реперите, хероите во општеството и онака се погрешни. Тоа се обично лидерите на партиите, а не локалните херои од заедницата.

Бојан Шашевски