„Младите можат“ прават начини како младите повеќе да се ангажираат во својата општина

Дури 71, 7% од младите никогаш не учествувале во волонтерска активност, а 52% од нив велат дека сигурно не би волонтирале некогаш понатаму. 75 % никогаш не работеле индивидуално и во група да решат некаков проблем во општината, 42% делумно се задоволни од работата на нивната општина, додека 44% велат дека не можат ништо да придонесат за подобрување на нивната општина. Овие податоци се дел од наодите на истражувањето „Потребите на младите на локално ниво на Општина Центар“, што „Младите можат“ оваа година го спроведува во рамки на проект-програмата „Младинска банка – Центар“. 

Станува збор за едногодишен проект што се состои од четири фази, чија главна цел е поголемо вклучување на младите за придонес во средината во која живеат преку имплементирање на нивни идеи. Оваа година тој се спроведува на ниво на Општината Центар, но и исто и во Крива Паланка.

Од „Младите можат“ велат дека досега се поминати првите две фази и во тек е спроведувањето на третата. Првата фаза е истражувањето, односно спроведената анкета со млади од 15 до 29 години на ниво на Центар, која покажува дека и покрај тоа што 44% отсто од младите сметаат дека не можат да направат ништо за подобрување на состојбата на нивната општина, 60% велат дека веројатно не би се отселиле од неа.

„Највисокиот процент, дури 94 % од младите никогаш не биле вклучени во подготовката на буџет или програма за млади во нивната општина. Разочарувачки 74 % од испитаните не знаат дека постои Закон за младинско учество и младински политики, односно не си ги знаат своите права и начини за вклучување во општината“, изјави извршната директорка на „Младите можат“, Анита Николовска при денешната презентација на резултатите од истражувањето.

Врз основа на овие истражувачки наоди, во втората фаза од проектот веќе се формирал одбор на младински банки што во третата фаза ќе отвори повик за аплицирање на младите со проектни идеи.

Од „Младите можат“ велат дека преку ваквиот повик младите можат да видат што недостасува во нивната општина и што ним им е потребно. Основната цел е младите да ја променат перцепцијата за својата средина  и системот да ја промени перцепцијата кон нив, а со тоа да им овозможи вклучување во носењето одлуки за локалната средина во која живеат. Како што објаснуваат од младинската организација, селектираните проекти ќе бидат имплементирани со поддршка на одборот и во последната фаза ќе се разгледува што се сè направило во одредениот период.

Проектот „Младинска банка“ минатата година беше успешно реализиран во три општини на Град Скопје, Општина Аеродром, Ѓорче Петров и Општина Карпош.

Организацијата своето искуство го оценува како успешно и велат дека постојано се стремат овој проект да биде имплементиран во што повеќе општини на територијата на целата држава.

„Генерално кога минатата година во овој период им пристапивме на општините со презентација на оваа програма, имаше интерес од нивна страна. Главниот проблем за сите контактирани општини беше буџетот што тие треба да го одвојат, но тоа е регулирано со Законот за млади, така што на нас останува само убаво да ја спакуваме идејата. Кога би било повидливо сè што правиме со проектот ќе биде многу полесно да ги земаме и другите општини како партнери“, велат за Радио МОФ од „Младите можат“.

Оттаму додаваат дека младите во помалите општини каде има помалку можности за нив се повеќе заинтересирани за учество и аплицирање на идеи за подобрување на нивната општина, а нивната цел во текот на следните четири години е со програмата да опфатат по две општини од секој статистички регион во Македонија.

Ангела Бошкоска