Ќе се прифатат барањата за државната матура што имаат законска основа, вели министерот  Шаќири

Министерот за образование Јетон Шаќири денеска рече дека ќе прифатат сè од барањата на средношколците поврзани со државната матура, доколку тие имаат законска основа.

„Денес имав состанок со директорката на Државен испитен центар. Ние како МОН, како институција, ќе ги поддржиме сите законски основни што произлегуваат од барањата на учениците во делот на материјалот. Она што е со законски основ, што може да се прифати – ќе се прифати. Сè друго што не може да се прифати, што треба законски измени – не може да го разгледаме во овој период“, рече Шаќири пред новинарите.

Тој посочи дека Сојузот за средношколци и другата група од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), кои протестираа во петокот и побараа кратење на материјалот – имаат различен вид барања за матурата.

„Мислам дека до крајот на неделата и почетокот на другата недела, ние ќе имаме конкретен одговор“, посочи Шаќири.

Редовно е во комуникација со двете групи на средношколците, тврди тој, а Сојузот на средношколци во изминатата година е во комуникација и со Државниот испитен центар (ДИЦ).

„Тие се известени за сите делови што треба да се реализираат во испитите или државната матура“, рече министерот.

Од Државниот испитен центар за Радио МОФ посочуваат дека државната матура се реализира согласно Правилник за полагање, Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование, што ги носи министерот за образование и наука.

„Испитниот материјал за испитите од државната матура се подготвува согласно испитните програми. За секој испит во рамките на државната матура постои официјална испитна програма, потпишана од министерот за образование и наука. Во неа се опфатени избор на содржини од прва до четврта година по соодветниот предмет, односно не се опфатени сите содржини од наставните програми. За оваа учебна година има нови испитните програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и стручните изборни предмети од стручното образование. Сите останати испити ќе се реализираат согласно скратените испитни програми од предходните години“, стои во вчерашниот одговор на ДИЦ до нашата редакција.

Согласно законот, дополнуваат од таму, Бирото за развој на образованието е надлежна институција за изработка на испитните програми, а Државниот испитен центар за подготовка на испитниот материјал согласно тие испитни програми, како и организација, спроведување, оценување, обработка на податоци, објавување на резултати и постапување по проговори.

„Напоменуваме дека испитните комисии кои го изготвуваат испитниот материјал за екстерните предмети во рамките на државната матура ги имаат во предвид случувањата во училиштата во изминатиот период.  Датумите за реализација на испитите од државната матура се пропишани во Календарот за организација на учебната 2022/2023 година во јавните средни училишта, кој е во надлежност на МОН“, велат од ДИЦ за Радио МОФ.

Инаку, средношколци од организацијата ОДАС во петокот протестираа пред МОН, барајќи материјалот за државната матура да биде скратен, со аргумент дека немаат време целосно да се спремат поради онлајн наставата, дојавите за бомби и дупките во знаењето од изгубената настава. ОДАС имаше и средба со ресорното министерство.

Истовремено свои барања дадоа и од Сојузот на средношколци. За разлика од ОДАС, тие излегоа со став против укинување на еден интерен предмет. Исто така, Сојузот побара и намалување на соодносот во поените на матурските испити со оценките од сведителставата, промена на датумот за првиот екстерен испит поради Духовден, испитот по мајчин јазик универзитетите да го земат за соодветен и наставниците однапред да ги споделат банките прашања за интерните предмети.

Екстерните предмети од државната матура годинава првично се предвидени да се полагаат на 27 мај и на 10 јуни, а потоа и интерните предмети.

Бојан Шашевски