„Плата или конфликт“ – Илјадници работници во Шпанија протестираа за повисоки плати поради инфлацијата

Илјадници работници вчера протестираа во Мадрид, на покана на водечките синдикати, барајќи повисоки плати поради високата инфлација. Членовите на двата водечки синдикати УГТ и ЦЦОО излегоа на протест под слоганот „Плата или конфликт“, пренесува Данас.

Синдикатите бараат владата и бизнис лидерите да се договорат за зголемување на минималната плата над сегашните 1.000 евра месечно, поради неконтролираната инфлација која неодамна почна да се забавува.

Демонстрантите наведуваат дека нивните плати моментално не ги покриваат ниту трошоците за основните потреби.

Како и во другите земји, и во Шпанија има зголемување на цените предизвикано од се поголемите трошоци за гориво, поради намалувањето на понудата предизвикано од руската инвазија на Украина.

Повисоките цени на храната во Европа поттикнаа протести низ целиот континент. Инфлацијата во Шпанија го достигна својот врв во јули, кога беше 10.8 отсто, а во октомври беше 7.3 отсто.