Град Скопје најави кривични пријави за организаторите на штрајкот во ЈСП

Откако утрово автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје не тргнаа по својот возен ред поради тоа што вработените протестираат барајќи исплата на септемвриската плата, раководството на ЈСП вели дека Град Скопје ќе поднесе кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на градскиот превоз.

„Од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк. Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот. Поради ова, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани“, стои во соопштението од ЈСП – Скопје.

Оттаму додаваат дека Градот вчера подготвил одлука за пренамена на средства, со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни пет дена.

„Апелираме до членовите на управниот одбор на ЈСП да постапат согласно нивните законски обврски, во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието“, стои во соопштението на ЈСП-Скопје.

ЈСП-Скопје и понатаму обвинуваат дека доцнењето е поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и општините. Вчера Министерството за образование и наука негираше дека има било каков долг кон ЈСП-Скопје.

Утрово автобусите во двете бази на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Ѓорче Петров и Автокоманда не тргнаа по возниот ред. Работниците беа собрани во кругот на базите и си ја бараат заостанатата плата. Во меѓувреме, приватните превозници продолжуваат да возат по нивниот распоред.

Најавата за протестот и прекин на работата беше соопштена уште вчера, откако вработени во ЈСП дадоа ултиматум за да им се исплати септемвриската плата.

[Видео] Автобусите на ЈСП утрово не тргнаа по возниот ред, приватните превозници продолжуваат да возат