#Поларис: Чудни приказни од чудни списанија

Во претходниот текст пишував за почетоците на популаризацијата и промоцијата на научната фантастика благодарение на американските палп списанија од минатиот век. Новиот текст е повторно во палп водите бидејќи сеуште не сме излезени од интересната историја токму на палп литературата. Иако Amazing Stories немал долг век на траење, тоа не значело крај за сај фај и фантазиската литература. Триесеттите години од минатиот век се сметаат за најдобриот и најплодниот период за палп културниот феномен. Палп на нашки би било преведено на ефтино, со оглед на тоа што pulp е американски збор за хартијата од ефтин квалитет која била користена за принтање на списанијата во тие времиња. Ефтини зборови на ефтина хартија за ефтина цена, наменето за пошироките народни маси. Реално, огромната популарност на палп списанијата се должела на неколку фактори, но пред се на големата депресија која настанала како последица на големата економска криза од 1928 година, па во тоа време на бавно опоравување палп литературата си го нашла својот центар на внимание како полезен медиум за ескапизам од реалноста и нурнување во имагинарното. Палп списанија имало за сите можни жанрови во тоа време, па покрај Amazing Stories за научна фантастика, постоеле и списанија за трилери и крими приказни како The Black Mask, или романтични палп списанија како Romance Western или True Romances. Со крајот на Amazing Stories голем број на автори зеле да пишуваат за поконкурентските Astounding Tales. Но имало и такви кои сакале повеќе да експериментираат со својот стил на пишување и се одлучиле да пишуваат за едно релативно ново списание, насловено Weird Tales Magazine.

Weird Tales бил наменет како простор за раскази од областа на хоророт, натприродното и чудната фикција. Затоа често кружеле повеќе или помалку познати раскази од автори од типот на Едгар Алан По, Вилки Колинс или Мери Шели. Фокусот кон мистицизмот, хоророт и грозничавото привлекло добар дел на потенцијално надежни хорор автори кои се надевале пред се на добра заработувачка. Но ниту Едгар, ниту Вилки, ниту Мери не биле препознатливите лица на Weird Tales. Напротив, популарноста и фамозноста на Weird Tales се должи на две имиња кои трајно ќе ја променат хорор и фантазиската сцена. Тоа се Хауард Филипс Лавкрафт и Роберт Хауард.

Хауард Лавкрафт е еден од најрелевантните хорор писатели на сите времиња, најмногу како личност која го има етаблирано она што ни е познато денес како космички хорор. Тешко е да се даде опис на она што значи космички хорор, но најдобро објаснето би било – што ако мравките еден ден станат свесни дека има суштества кои се надвор од нивниот начин на поимање. Тие суштества се луѓето. Е сега, што ако ние сме мравките и еден ден дознаеме дека има суштества кои се надвор од нашиот начин на поимање? Денешните резултати од овој одговор би биле поделени напола, едната страна не би била воодушевена од идеите на Лавкрафт, додека другата би влегла во состојба на егзистенцијална криза. Ваквото образложување во кратки црти не е доволно за подетално истражување на Лавкрафт во целост, и затоа таткото на космичкиот хорор ќе си добие посебен соодветен текст. Роберт Хауард од друга страна е писателот кој може да се смета за еден од основачите на типот на фантазиски авантури од типот на мечеви и магии. Пред се фамозен заради патешествијата на Конан Симеријанецот овековечен преку улогата на Арнолд Шварценегер во Conan the Barbarian. За разлика од Лавкрафт, приказните на Хауард биле претежно авантурите на неговиот најпознат лик во големи кралства исполнети со многу богатства, магии и опасности. Како и за Лавкрафт, така и за Хауард ќе одвојам посебно внимание бидејќи невозможно е да се собере светот на Конан, Соломон Кејн и Кал во мал текст. Иако Лавкрафт и Хауард пишувале дијаметрално спротивни приказни, не била исклучена меѓусебна соработка. Една од главните одлики на палп списанијата е авторското ќоше на последните страници каде обични читатели, како и самите автори пишуваат отворени писма поврзани со нивната работа. Исто така на крајот на секој текст се наоѓала адресата на самиот автор, па тоа ја отварало можноста писателите и читателите меѓусебно да се допишуваат. А дописот на релација Лавкрафт-Хауард и Хауард-Лафкрафт отворило и споделување на некои идеи. Имено, иако кај Хауард претежно преовладувал тонот на авантурата, магиите, варварството и челикот, тој имплементирал неколку делови од митосот на Лавкрафт, каде чудовиштата на Лафкрафт имаат одредено присуство во Хибориа, светот на Конан. А Хауард не бил единствениот кој користел концепти и идеи од Лавкарфт бидејќи Лавкрафт бил отворен за користење на неговите идеи и митос од страна на други лица.

Изненадувачки Weird Tales постои и денес, во време кога славата на палп списанијата е одамна избледена. Догодина ќе слави јубилеј од 100 години. И додека многу палп списанија не постојат повеќе, а нивните бореви можат да се најдат на e-bay по скапа цена за колекционери, Weird Tales е едно од поретките списанија кое ќе остане во колективната меморија, како медиум кој го има овозможено реализирањето на имагинацијата на оние чии дела и ден денес се непресушен извор на инспирација и влијание за нови писатели, стрип сценаристи, цртачи и филмски уметници.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.