#Поларис: Си беше еднаш на Чудниот Запад

Во сите години кои ги поминав како радиоводител на „Поларис“, покривав теми кои спаѓаат во доменот на различни медиуми, од литература и стрип, до сериски и играни филмови. Во ова секако спаѓаат и видео игрите, па логично е да го скршам мразот со текст за наслов од светот на интерактивните медимуи.

На 31 март оваа година во промет излезе The Weird West, изометриска role play видео игра на Wolf Eye Studios, со приказна сместена некаде на Дивиот Запад. Што е тоа што не асоцира на Дивиот Запад? За едни тоа е интересниот период на современата американска историја во скротувањето на релативно непознатите територии на денешната западна територија на САД, за други тоа се добро познатите групи на каубојци и индијанци и нивните вечни борби, за трети тоа се вестерн филмовите со Џон Вејн и Клинт Иствуд кои доминираа и кај нас и во светот едно добри 30 години. Секако, Weird West ги содржи сите елементи за Дивиот Запад со кои сме запознаени преку вестерн филмови, стрипови, литература итн, но со екстра елементи кои му даваат еден необичен пресврт – елементот на натприродното. Така, покрај фамозните каубојци, индијанци, шерифи, бандити, пустински градчиња и ловци на награди, во сетингот на овој Див Запад имаме и духови, демони, вештерки, окултисти, врколаци, зомбија, волшебници и други интересни учесници.

Weird West е прв потфат на Wolf Eye Studios, компанија за развој на видео игри основана од Рафаел Колантонио, чие искуство во Arkane Studios (Dishonored, Prey) се чувствува и во Weird West. После финансискиот неуспех на Prey (2017) (иако Prey доби поддршка од повеќето стручни критичари), го напушта Arkane и влегува во indy водите, односно создавање на послободни и понезависни проекти, што значи помала вмешаност на потенцијални издавачки куќи. Добро сум запознаен со историјата на Arkane и нивните обиди да ја продолжат традицијата на таканаречените immersive sims игри, чиј поим е доста сложен, но за поедноставување, во основа тоа е видео игра со високо имплементирани системи на акција и реакција од играчот кон играта и обратно (нормално ќе зборувам за im sims подетално во друга прилика). Додека Dishonored им беше проект замислен со сопствени идеи и цели, Prey (2017) беше позајмување на името на една култна акциона игра од 2006 година со истото име, меѓутоа не беше продолжеток или предпродолжеток, или пак римејк, туку беше создавање на една сосем поинаква игра, со поинаков сетинг, ликови и системи за игра од оригиналот – она што му припаѓаше на претходниот Prey (2006) а беше превземено во новата игра беше само насловот по барање на Bethesda Softworks, поради зачувувањето на авторските права околу тоа име. Оттаму доаѓа и главната причина за пропаѓањето на Prey 2017 и заминувањето на Колантонио. Некој период немав информации околу тоа што прават поранешните членови на Arkane тимот, но лани, при една од презентациите на некоја од главните конвенции за видео игри (за жал не ми текнува точно на која) имаше неколкуминутна презентација на една интересна акцијашка role play игра со ловци на награди, шамани и индијанци која е представена како духовен наследник на многу RPG наслови од деведесеттите години од 20-от век. Како независно студио, Wolf Eye тимот беше во постојана комуникација со заинтересираните фанови, давајќи информации за развојот на играта, што ќе имплементираат, а што не и кога да очекуваме release date. Затоа на 31 март, со помош на промоцијата на Devolver Digital (издавачот на играта) конечно дочекавме да видиме што може да ни понуди чудесниот, но опасен свет на The Weird West.

Приказната на The Weird West не води во еден неспецифичен период и предел на американскиот див запад, каде судбината на пет лика е испреплетена на интересен начин. По одреден ритуал на еден таинствен култ, конкретниот лик добива спечифичен знак на своето тело, а по извршувањето на конкретната мисија, истиот знак се појавува на телото на друг лик. Знакот е мистеријата која ги спојува Џејн Бел, поранешен ловец на награди, Свињо-човекот, полу човек, полу свиња – резултат на вештерска клетва, заштитникот, припадник на индијанското племе на изгубениот пламен, отецот Риос кој може да се претвори во врколак и Констанс, припадник на онеиристите кои се опседнати со гатања за иднината.

Weird West е најмногу инспириран од RPG класиците од деведесеттите години од ланскиот век, како Ultima и Fallout. Како и тие наслови, и Weird West е изометриска игра, односно играта се гледа од птичја перспектива. Начинот на играње е поделен на два дела, односно за секоја мисија имаме опција да ја комплетираме или со отворено агресивен пристап каде користиме лак и стрели, или огнено оружје за да се решиме од непријателот, или да стигнеме до целта на попритаен начин, каде противниците не би не приметиле и од кои би се решиле на полесен начин кој бара поголема стрпливост. Покрај вообичаените начини за справување, од изборот на оружја кои ни стојат на располагање во типичен вестерн, имаме и добар избор на натприродни способности како содзавање на торнадо, телепортација и трансформација во врколак меѓу другото. Во ваков тип на игри можеме и да се наслониме на конкретната околина доколку сакаме да направиме саботажа или значително уништување на непријателот, како палење на буриња барут кога кон бурињата ќе се доближат добар број на непријатели. Би можело да се каже дека имаме солидна слобода во изборот на начинот на кој би сакале да ја исполниме зададената задача, секако пропратена со собирање на златни АС карти за надградување на нашите вештини и посебни нимп реликвии за засилување на нашите споособности, меѓутоа како игра која сака да  промовира слобода на избор, барем во аспект на креирање на свој стил на играње, Weird West делува многу лимитирачки. Пред се поради самите мапи кои во повеќето локации се рециклирани и премногу се повторуваат. Затоа, можете на пример да одиграте еден саат од играта, да добиете bounty “dead or alive” мисија која се одвива во рудник, за подоцна да добиете нова “dead or alive” мисија која се одвива на друга локација, но во истиот рудник во кој претходно сте играле.

Како приказна, Weird West е поделена на пет акта, каде во секој акт имаме по еден протагонист. Секој протагонист е уникатен во начинот на играње и однесување, што секако е за пофалба, и секој акт може да се заврши за можеби два до три часа доколку не се врши поголем фокус на следење на споредни мисии и Bounty hunt мисии. Но, иако идејата за пет главни лика поврзани на мистериозен начин е интересна на површина, овој аспект може да се покаже и како нејзина најголема слабост. Да ја земеме за пример Џејн Бел, првиот главен лик. Таа, како пензиониран ловец на награди е специјалист за користење на пушки и пиштоли и можеме да ја специјализираме да биде смртоносен лик од заседа, каде може да отстранува бандити од нивниот камп еден по еден, без алармантност. Од друга страна, кога ќе ја завршиме нејзината приказна се префрлуваме на приказната на мистериозниот Свињочовек, кој ги бара своите изгубени сеќавања. Овој лик не можеме да го специјализираме многу како Џејн Бел, бидејќи неговите способности налагаат еден in your face пристап кон непријателите, што го руши концептот кој го градиме со првиот лик и на кој веќе сме се навикнале. Ваквото повторување со преостанатите ликови е можеби и главната причина што може да ве демотивира да ја завршите играта и да ја дознаете судбината на сите ликови и места која е збир на одлуките кои сте ги донеле од самиот почеток.

The Weird West е чудна игра. Се приметуваат местата каде луѓето од Wolf Eye навистина се потрудиле да создадат едно убаво и интересно искуство, а од друга страна се приметуваат недостатоците за кои немале одговор. Сепак, ова е и нивен прв експериментален проект, па ова искуство може да ги поттикне да направат потребни измени и дополнувања, да видат што функционира да си остане, а што не работи, да се смени за нешто подобро. За крај, иако Choose Hellth стои позади компонирањето на музиката на Weird West, би сакал Енио Мориконе да стави печат на овој текст. Бидејќи, без оглед на тоа колку вестернот ни е близок или туѓ, Дивиот Запад за мене секогаш ќе асоцира на маестрото кое ја креирало The Ecstasy of Gold од The Good, The Bad and The Ugly.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.