#Поларис: За историјата, популарноста и (не)сериозноста на научната фантастика

Светот на научната фантастика е многу богат. Денес сме преплавени со голем избор на научно фантастична литература, стрипови, играни филмови и серии, друштвени и видео игри, а машината на производство нема намера да застане. Отако почнав со пишување на разни текстови за се’ што е поврзано со научна фантастика, неминовно е да ја запознаам пошироката македонска публика со историјата на научната фантастика како посебен правец на сите можни културни полиња. Бидејќи не можам да пишувам за Џејмс Кори а да не се надоврзам за Ким Стенли Робинсон, Вилијам Гибсон не би создал силен впечаток без Алфред Бестер, Џин Вулф не би бил Џин Вулф без Хорхе Луис Борхес, Флеш Гордон не би постоел без Џон Картер. Списокот се чини како бескрајна спирала, нели? Па, иако темата за историјата на овој жанр е голема материја, ќе се обидам да го срочам тоа на покоцизен начин.

Од каде да се почне? Најверојатно Херберт Велс (Војна на световите, Невидливиот човек, Островот на доктор Моро) бидејќи неговите романи од крајот на 19 и почеток на 20 век и ден денес се екранизирани, анализирани и дебатирани. Сепак пред Велс е Жил Верн (20.000 милји под морето, Мистериозниот остров). Но на Велс и Верн им претходи Мери Шели (Франкенштајн). А пред Мери Шели има писатели уште во 16 и 17 век кои пишувале фантастични приказни поврзани со алхемија, наука и натприродност. Неодамна еден мој познаниик ми спомна дека научната фантастика е повеќе прераскажување на митовите на човештвото, само што летечките кочии се заменети со вселенски бродови и авиони, како еден пример. Може да се каже дека научната фантастика имала свои корени и историја уште од антички времиња, но немала свои контури за да биде идентификувана како таква, дури ни во времето на славата на Шели, Верн и Велс. Затоа, кој конкретен период е важен за научната фантастика да ја идентификуваме како научна фантастика? Овде е полесно да го најдеме изворот, а тоа е периодот на 20-тите години од минатиот век.

Годината е 1927, локацијата е Њујорк Сити. Некој жител (да кажеме се вика Боб) треба да оди на работа. Неговата работа е на другата страна на градот и мора да оди со метро. Бидејќи треба барем 15 минути за Боб да стигне на потребната станица, Боб си чита весник за побрзо да тепа време. Тоа му е секојдневна навика, да земе еден весник од локалната трафика пред да тргне на работа, една половина прочитана наутро, а другата половина прочитана кога ќе се враќа дома. Но еден ден Боб ќе погледне нешто поинакво од весник. Тоа е списание од околу 70 страници. Списанијата не се нешто ново за тоа време, има секакви списанија. Но ова списание е поинакво. На корицата има маж облечен во некаква бела униформа, со космонаутски шлем на глава, црвена наметка, како држи ласерски пиштол кој е вперен во некакво чудовиште со три очи, а за мажот цврсто се држи една раскошна црнокоса со зелена кожа, додека во позадината сјае црвено сонце. Боб е заинтригиран за ова списание и не му е тешко да уплати уште неколку центи бидејќи списанието е многу ефтино за толкав број на страници. А внатре има раскази исполнети со многу авантури за фантастични патувања во различни светови, егзотични локации, необични животни и растенија и технологија надвор од нашите разбирања. Списанието се вика Amazing Stories, неговиот уредник е Хуго Гернсбек, а доцните дваесетти и раните триесетти години од дваесеттиот век го означуваат почетокот на златната ера на она што го знаеме како модерна научна фантастика.

Кој бил Хуго Гернсбек? Бил роден во Луксенбург во 1884 година. Емигрирал во САД во 1904 година за подоцна да стане натурализиран Американец. Неговата кариера била претежно во доменот на електронската индустрија како дипломиран електро инжињер, занимавајќи се со различни проекти поврзани со радиото како свеж и интересн медиум за тоа време, како и со прототипи за технологија која допрва била истражувана, а изгледала на мистериозна кутија која ќе ја најде својата поширока употреба пред речиси секое домаќинство под името телевизор. Хуго Гернсбек имал голема љубова за својата работа, но со време развил поголема да нешто што во негово време не било постигнато – да ја популаризира науката за пошироката публика. Тогаш секако дека имало научни списанија, но и тие биле наменети претежно за лица кои стручно се занимавале со наука и научно-технолошки истражувања. Па како тогаш би се привлекло вниманието на обичните читатели за работи како радио антени, телекомуникации, ласерска технологија или ракети? Со вметнување на научно-технолошките теми во областа на пишаната фикција, не преку формат на роман, туку преку списание. И тоа во таканаречените палп (pulp) списанија. Палп, затоа што списанијата се правеле и печателе со многу ефтина хартија и дистрибуирани во многу трафики наместо книжарници. Хуго го нарекол своето прво и последно списание од ваков тип Amazing Stories каде воедно и бил главниот уредник. Првите броеви на списанието содржеле раскази од Жил Верн, Херберт Велс и Едгар Алан По, што не било баш доволно. Проблемот со малиот број на автори бил решен со финансиска стимулација – секој кој ќе приложел свој краток расказ кој ги задоволувал критериумите на Хуго за да се смета за нф расказ ќе добие 250 долари, а расказот ќе се најде во списанието. Тогаш што можело да се смета за нф расказ според критериумите на Хуго? Според него, научно фантастична приказна мора да биде експозиција на научна тема и истовремено мора да биде приказна. По објавувањето на огласот за најмување на писатели значајно се зголемил бројот на заинтересирани учесници со сопствени пишани раскази кои се појавувале во новите броеви на Amazing Stories, списание со богата содржина, но и атрактивни корици како покана за спекатклот во списанието. Популарноста на Amazing Stories се зголемувала до толку што Хуго Гернсбек ги посветил последните страници на секој број на списанието на отворени писма од читатели за пофалби и критики за Amazing Stories. Овие писма ги содржеле и адресите на испраќачите на писмата, за да се направи еден круг на допишување меѓу авторите.

Добрата вест за Amazing Stories е што секој можел да учествува во списанието со свои дела. Лошата вест за Amazing Stories е што секој можел да учествува во списанието со свои дела. За секој расказ кој нуди нешто уникатно со добар стил на пишување има барем пет раскази кои делуваат како да се копирани од викенд роман, само што се вметнати туѓи планети, зелени октоподи и ласерски пиштоли. Затоа е очигледно дека слабиот обид, или немањето обид за посериозен тон направил впечаток кај повеќемина да ја сметаат научната фантастика за нешто несериозно и повеќе наменето за тинејџери и помлада публика. А ефтино списание привлекува многу ефтини содржини, со повеќе акција, а помалку наука, или помалку наука, повеке псевдо-наука. А како капак на се, Гернсбек стекнал контроврезност како човек кој не ги исплаќал авторите навреме или пак не им ја плаќал договорената сума во целост. Големата депресија во САД како резултат на светската економска криза од 1929 година придонела Amazing Stories да згасне, како и уредничката кариера на Хуго Гернсбек. Но ова не бил крајот на научната фантастика, бидејќи со затварањето на вратата на уредништвото на Amazing Stories се отвориле нови врати за нови списанија за автори кои со свои дела докажале дека научната фантастика е многу повеќе од херои пирати кои ја спасуваат вонземската принцеза од канџите на Мок Ужасниот. Но тоа е приказна за следниот текст.

ПС: Не може да се занемари влијанието на Хуго Гернсбек и наследството кое го оставил. Без Amazing Stories со сите свои доблести и маани не би ги добиле  Star Trek, Star Wars, Babylon 5, Battlestar Galactica, Neuromancer, The Expanse, The Left Hand of Darkness итн. Затоа во негова чест се доделуваат The Hugo Awards (сај фај верзија на Оскарите) за најдобри научно-фантастични романи, новели, раскази, филмови и графички новели.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.