Конечно пуштен во употреба 112 – единствениот број за итни повици

Европскиот број за итни случаи – 112, кој првично беше најавен пред 10 години, денеска конечно треба да профункционира во Северна Македонија.

Станува збор за еден телефонски центар кој ќе ги обединува службите за итни случаи – полицијата, брзата помош и противпожарната заштита на територија на државата. Системот е замислен освен да обезбедува итно алармирање на еден единствен број е систем дизајниран, истовремено да овозможи и брза координација, акција и интервенција на сите служби соодветно за секоја специфична кризна ситуација.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната промоција на системот Е-112, истакна дека на единствениот повикувачки број, кој ги обединува броевите 192, 193, 194 и 195 ќе работи посебен тим од Центарот составен од најстручните и најобразованите службеници.

„Еден од најилустративните примери кои го користиме за објаснување на овој број е една тешка сообраќајна несреќа, во која луѓето можеби се заглавени во возилото. Со вртење на 112 нашиот оператор, кој го прима повикот, веднаш ја известува полицијата, брзата помош, а доколку има потреба и противпожарната единица. Значи граѓанинот со вртење на еден број ќе добие целосна грижа од државата – полицијата ќе го обезбеди местото, брзата помош ќе му помогне, а пожарникарите ќе го изгаснат пожарот или ќе го извлече лицето доколку е заглавено во возилото“, рече Ангелов.

Системот, како што информираше директорот, е дизајниран операторот при добивање на повикот да ја знае локацијата на граѓанинот кој го упатува повикот.

Ангелов посочи дека системот стартува во несовршена форма, но дека ниту еден граѓанин кој има потреба од итните служби нема да остане неуслужен, додавајќи дека доколку има проблем со 112, повиците ќе бидат пренасочени кон постоечките центри за итни случаи. Тој рече и дека старите броеви ќе продолжат да постојат уште некоја година додека биде потребно и додаде дека овој единствен систем ќе помогне во детектирање на одредени слабости и ќе биде овозможено преземање мерки за нивно успешно надминување.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека овој број ќе претставува вистинско олеснување на граѓаните. Тој посочи дека системот обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување на ред и мир, за обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби, кои по потреба се активираат, поради опасности по животот на граѓаните и поради загрозување на материјалните добра и имотот на граѓаните и државата.

„Изградивме модерен и ефикасен модел за функционирање на Е-112 на јазиците со кои се користи населението во државата, во соседните држави како и најмалку на еден од светските јазици. Системот го стартуваме со осум оперативни центри во Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, и сите се опремени според утврдени директиви на ЕУ за оваа намена“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека во центрите работат и оперативци обучени да примат повик и да воспостават комуникација и со лица со различни попречености, што е во  согласност со врвниот принцип за поврзување меѓу луѓето на кои им е потребна итна помош со оперативните служби за пружање помош како највисок приоритет.

На настанот преку видео порака се обрати и потпретседателот на бордот на Европската асоцијација за броеви за итни случаи (ЕЕНА), Младен Вратоњиќ, а резултатите и достигнувањата постигнати при спроведувањето на проектот во ЦУК ги презентираше тим лидерот на ЕУ проектот Габор Фришман.

Бројот 112 се најавуваше многу пати изминативе 10 години, но никако не успеваше да профункционира. Бројот работеше и изминативе години, преку него повикот само се префрлаше до телефонот на Центарот за управување со кризи.

Системот 112 во земјите од ЕУ веќе со децении постојано се унапредува за што поефикасно справување со итни ситуации.