Единствениот број за итни случаи „112“ заглавен во институциите

Никому не му се брза да проработи „112“, единствениот број за итни повици кој би ги заменил броевите на итните служби на полиција (192), противпожарна заштита (193), брза помош (194), и управување со кризи (195). Кога се јавивме на „112“, повикот беше примен од оператор на службата за итни повици „195“, на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Бројот, кој претставува посебен систем за алармирање и дејствување според стандардите на Европската Унија, сè уште е заглавен низ македонските институционални лавиринти. Иако од Владата имплементацијата на овој систем беше најавен уште пред четири години, во меѓувреме не е направено ништо поконкретно.

Надица Вчкова, портпаролката на ЦУК, информира дека сега треба да се врши ревизија на физибилити студијата која од Центарот ја изработиле уште пред неколку години. Предвидувањата на ЦУК се дека имплементацијата ќе почне до 2018 година.

„Системот „112“ не беше на дневен ред на приоритети. Навистина потребни се огромни средства и тоа веќе е надвор од контролата на ЦУК. Буџетот е тој што е, треба да се одделат средства за таа намена. Подготовката за овој телефонски број да почне да функционира е долга и голема, затоа што ќе треба да се направи опремување на центрите, да се работи на кадар кој ќе управува со сите тие нови апарати“, вели таа.

Неодамнешните катастрофални поплави во скопскиот регион се последниот пример каде постоење на еден препознатлив број за сите опасности би бил од непроценливо значење и за загрозените луѓе на кои им е потребна помош, но и за побрза реакција и подобра координација на службите за итни случаи во ситуации каде секоја секунда може да направи разлика во спасување на човечки животи.

По поплавите, граѓаните од погодените подрачја сведочеа дека и покрај многубројните обиди, никој не одговарал на нивните повици кон бројот „195“ на ЦУК. Тие исто така не беа сигурни каде да се обратат за совети и прашања во врска со непогодата.

„Најголемата придобивка на „112“ се токму овие проблеми. Сега на телефонскиот број „195“ на ЦУК постојат неколку линии, кои доколку се зафатени, граѓаните не можат да се јават и им треба време да добијат. Тој проблем ќе го нема со бројот „112“. Нема да биде возможно човек да наиде на зафатен телефон или да не му биде одговорено на повик. Софтверот и големината на оперативниот систем е таков што дури и 2000 луѓе да се јават во одреден момент, ќе биде одговорено на секој повик“, вели Вчкова.

„112“ како единствен број за итни повици функционира во сите земји на Европската Унија и во многу други држави надвор од Унијата. Се работи за еден, бесплатен број на кој граѓаните, без разлика на телефонскиот оператор и без разлика во која земја се наоѓаат, знаат каде да се обратат во случај на опасност, независно дали имаат потреба од полиција, брза помош, противпожарна заштита или друг вид помош во случај на неволја.

Имплементирањето на „112“, не би значело едноставно воведување нова телефонска линија, туку техничко и оперативно зајакнување на капацитетите и ефикасноста во системот на дознавање, лоцирање и интервенција при опасни ситуации.

„Ова е обединување на сите броеви. Наместо да мислите кој е бројот на пожарна, каде да се јавите, со „112“ ќе бидат обединети сите служби за итни повици. Системот предвидува поголема оперативност, единствена координација и комуникација на сите надлежни субјекти задолжени за одреден ризик или опасност. Опфатени ќе бидат сите групи граѓани преку посебни оперативни планови, како тие да пријавуваат опасност на овој број. Лицата кои што ќе бидат задолжени за прием на повиците на „112“ веднаш ќе знаат каде да се распредели тој повик. Тука ќе биде потребно не само буџет, туку и силен систем на обука“, дообјаснува Вчкова.

112 slika

Според најавите, сервисот „112“ требаше да работи паралелно со другите броеви на итните служби и по некое време целосно да ги замени. Предвидени се три центри за примање повици во Скопје, Битола и Штип. Предноста на „112“ е што предвидуваа можност за комуницирање на повеќе јазици, комуницирање со лица со посебни потреби, како и „eCall“ систем за автоматско праќање повици при тешки сообраќајни несреќи.

Важноста на ваков единствен систем кој би ги обединувал итните служби ја посочува и командирот на противпожарната единица на Градот Скопје, Благоја Менковски. Долго време работи на оваа проблематика и вели дека и сега постои одлична соработка во координирањето со другите другите итни служби кога тоа е потребно. Ваков систем на единствена институција за итни служби на ниво на држава, додава, би ја поедноставило нивната работа.

„Многу пати граѓаните, кои имаат потреба од противпожарните служби наместо на „193“, грешат и вртат на „195“, се создава мала забуна и се губи време во ситуации кога секоја секунда е драгоцена“, забележува Менковски.

Предноста на „112“, според него, би било правилно прераспределување на пријавите за пожар и снимање и чување на разговорите, што е корисно за сите граѓани на Македонија, затоа што секој повик и секоја ситуација ќе може да се провери.

„Има многу лажни дојдовни повици за пожар. Сè уште културата кај нас не е на високо ниво. Младите, немајќи што да работат по 24 часот, си играат со бројот „193“. Законска регулатива нема тоа да се санкционира, па во тој сегмент останува ние да работиме, а несовесни граѓани тоа да го злоупотребуваат“, вели тој.

Од Агенцијата за електронски комуникации немаа детални податоци околу спроведувањето на проектот. Нивната задача била да го изработат правилникот, објавен во октомври минатата година, според кој мобилните оператори во земјава мора да обезбедат бесплатен пристап до овој број и од телефони кои немаат СИМ картичка и од јавни говорници. Операторите се должни до службите да достават информации за идентитетот и локацијата на корисникот кој го направил повикот. Злоупотребување на повиците кон „112“ ќе се санкционира со привремено или трајно исклучување од комуникациската мрежа на телефоните од кои е извршена злоупотребата.

Системот на „112“ во земјите од ЕУ веќе со децении постојано се унапредува за што поефикасно справување со итни ситуации. Граѓаните во Македонија можат само да се надеваат дека сегашните неколку линии на итните служби нема да бидат зафатени доколку им затребаат.

Даниел Евросимоски