[Видео] Операторите примаат по 1.150 повици дневно на „112“ – Презентирани промотивни спотови за единствениот број за итни случаи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) презентираше видеоспотови преку кои во следниот период низ медиумска кампања треба да се зголемува јавната свест за Европскиот единствен број за итни повици – 112, кој од пред еден месец започна да функционира во Северна Македонија.

Станува збор за еден телефонски центар кој ќе ги координира повиците кон службите за итни случаи – полицијата, брзата помош и противпожарната заштита на територија на државата. Системот е замислен, освен да обезбедува итно алармирање на еден единствен број, истовремено да овозможи и брза координација, акција и интервенција на сите служби соодветно за секоја специфична кризна ситуација.

Тони Костов, раководителот на одделението за управување со повици кон „112“ посочи дека претходниов месец примиле 27 илјади повици, односно околу 950 повици дневно.

„Во периодот од 11 до 28 февруари, кога бројот „112“ функционираше само на територија на Град Скопје, во просек беа примани по 650 повици дневно, а со вклучување на целата територија на државата од 1-ви март досега обемот на повици се зголеми речиси за 2,5 пати. Па така во изминативе 11 дена од март имаме преку 1.550 повици дневно. Сите повици се примени од наша страна, извршена е проценка и соодветно се насочени кон соодветните институции“, рече Костов.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, информираше дека медиумската кампања преку која граѓаните ќе бидат запознаени со постоењето на „112“ ќе се одвива на повеќе национални и локални телевизии, радио станици, интернет-портали и на социјалните мрежи.

„Предноста на овој систем е селекцијата на повиците. На тој начин ние на примарните институции им го олеснуваме дел од работата, бидејќи доколку сега се јави некоја возрасна госпоѓа, да праша за одреден медицински совет, таа нема да го оптовари телефонот 194 на кој можеби во тој момент се јавува човек чиј член на семејството има срцев удар. Истовремено вршиме селекција на повиците каде треба итно да се одговори, затоа што се животозагрозувачки, и повици каде граѓанинот кој има итна потреба може може малку да почека, затоа што капацитетите на нашата држава се релативно ограничени и не може во исто време да се излезе во пресрет на повеќе засегнати граѓани“, рече Ангелов.

Тој додаде дека во периодот од пуштање во употреба на новиот систем утврдиле одредени слабости кои се трудат да ги надминат.

Бројот 112 се најавуваше многу пати изминативе 10 години, но никако не успеваше да профункционира. Бројот работеше и изминативе години, но преку него повикот само се префрлаше до телефонот на Центарот за управување со кризи.

Системот 112 во земјите од ЕУ веќе со децении постојано се унапредува за што поефикасно справување со итни ситуации.

Информативните видеоспотови погледнете ги во продолжение: