Во февруари се воведува бројот за итни повици 112

На 11 февруари официјално ќе се воведе во употреба европскиот број за итни повици 112 во Северна Македонија, најави денеска на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Во случај на несреќа, граѓаните ќе можат да се јават на овој број и да го пријават настанот. Во исто време, преку координација од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе се ангажираат сите единици, полицијата, итната медицинска помош и бригадата за противпожарна заштита. Оттаму информираат засега остануваат во функција телефонските броеви 192, 193, 194.

На почетокот центарот ќе се почне со 50 вработени, а потоа нивниот број треба да се зголемува.

Сите лица коишто ќе работат со Е-112 најпрво ќе мора да положат тестови за интелигенција, тестови за карактерни особини, тестови за познавање на англискиот јазик или евентуално познавање на друг јазик. Меѓу вработените ќе има и лица коишто го зборуваат албанскиот јазик, но и за нив е потребно да го зборуваат англискиот или друг светски јазик. Ќе биде потребно и познавање на компјутерски вештини, појасни Ангелов.

Тој соопшти дека вработените кои ќе примаат повици од Е-112 ќе имаат поголема плата за 35 проценти.

Раководител на проектот и на секторот 112 во ЦУК Душко Петровски информира дека се работи за европски проект кој треба да го имплементира секоја земја кандидат и членка на ЕУ. Целта е да се спроведе како единствен европски број за итни повици со цел да му се помогне на населението во случај на загрозување на нивните животи или материјални добра на државата.

„Италијанската компанија „Бета 80“ која го добив тендерот за набавка на средства и опрема со која сме во секојдневен и постојан контакт ги обезбедува сите врски, средства и опрема информатички за функционирање на 112, комуникациската поврзаност помеѓу овие центри, како и обуката која претстои и која треба да претстои во наредниот период“, изјави Петровски.

Проектот е започнат уште во 2008 година, а во 2016 година се одржала втората поголема активност. Покрај ЦУК, во проектот се вклучени министерствата за внатрешни работи, за здравство, бригадите за противпожарна заштита, Агенцијата за електронски комуникации, како и Дирекцијата за заштита и спасување.

Минатата година почнала адаптација и реконструкција на шест оперативни центри. Покрај тој во Скопје, оперативен центар ќе има и во Тетово, Битола, Штип, Охрид, Струмица, Велес и Куманово. Засега во три регионални центри е завршена преадаптацијата, а другите се доопремуваат со мебел, информираше Петровски.

Оваа платформа ќе овозможува поддршка на разни групи на граѓани со посебни потреби – слепи лица, лица кои имаат потешкотии со говорот или за неми лица и исто така ќе функционира со прием на повици преку СМС или прием на повици преку социјалните мрежи.