[Галерија] „Кисела Вода графити џем“

Во партнерска соработка помеѓу тимот на „СКОПЈЕ 2028“ – кандидат за европска престолнина на културата, општина Кисела Вода и Графити Шоп Хром, викендов на 4 и 5 септември се реализираше акција на цртање на графити насловена „Кисела Вода графити џем”.

Акцијата беше организирана по повод назначувањето на нов „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје за слободно користење од уличните уметници за цртање графити, сликање мурали и тагови. Станува збор за потпорен ѕид во населба Пинтија, на булеварот Борис Трајковски, во општина Кисела Вода, во должина од 70 метри. Со назначувањето на легалниот ѕид, општина Кисела Вода директно го подржува развојот на урбаната култура, овозможува нов простор за креација и стимулира творештво со разновиден културен израз.

Иницијативата за назначување на легални ѕидови во градот ја разви тимот на „СКОПЈЕ 2028“ во соработка со претставници на скопската графити сцена. Првите два легални ѕида се назначија од град Скопје во јули годинава. Препознавајќи ја важноста на создавање нови урбани простори за уличните уметници, општина Кисела Вода иницираше именување на уште еден легален ѕид.

Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, новиот легален ѕид во Пинтија претставува уште еден легален простор за слободен уметнички израз, кој е особено важен за младите улични уметници, кои на ѕидот ќе можат слободно и безбедно и да ја развиваат својата креативност и способност за цртање.

Во таа насока се реализира и акцијата „Кисела Вода графити џем”. На повик организиран од Графити Шоп Хром како учесници во оваа акција се пријавија 20 македонски цртачи на возраст од 16 до 32 години, на кои им се придружија и неколку улични уметници од Германија и Белгија.

Меѓу другите во акцијата на цртање графити, водена под мотото „Другарство” учествуваа уметниците Жута Куќа, Tac, Rask, Smooth, Esiem, Dig, Woo, Katma, Snake, Zork, Aris, Kiks, Bone, Janx, Maro, Cen2, Teazer, HoboGang. Покрај креативната акција „Кисела Вода графити џем” овозможи и простор за дружење, социјализација и соработка помеѓу уметниците.

Се надеваме дека оваа пракса ќе ја следат и други општини во градот Скопје и ќе овозможат заедно да создаваме подобар и поубав град преку создавање на нови јавни простори за уметничка креација.