[Видео] „Црвен картон“ за директорот на НУЦК „Антон Панов“ – герила акција на „Култура или фис-култура“

Преку герила акција, од иницијативата „Култура или фис-култура“ денеска му дадоа „црвен картон“ на директорот на НУЦК „Антон Панов“, Васил Бубев кој од неодамна е поставен на функцијата. Иницијативата беше формирана од незадоволството за избор на директорот кој е професор по физичка култура.

„Тоа беше манифестација организирана од Струмичкиот карневал на која што, на традиционален ручек се презентираат посни јадења, кои што се традиција за Струмица за овој период, и бидејќи и ние како НУЦК ‘Антон Панов’ сме копродуценти на овој настан, решивме да направиме една герила акција, да му испратиме еден црвен картон на директорот“, изјавија од иницијативата за Радио МОФ.

Директорот, како што посочуваат од иницијативата, се повлекол веднаш од настанот.

Истовремено, оттаму за Радио МОФ информираат дека на 23 март ќе одржат средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, по претходно нивно барање за прием.

Во меѓувреме, информираат и дека добиле информација од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) дека тие ги добиле документите од Министерството за култура, и дека моментално, како што велат, се чека да пристигне документацијата од нивниот театар и од Агенцијата за вработување од Струмица.

„За недела-две ќе донесат одлука дали по нашата претставка ќе отворат предмет или нема предмет, а од Управниот суд засега немаме информација што се случува со нашата тужба“, велат од иницијативата.

Струмичката иницијатива претходно организираше бројни протести и перформанси, со цел да го изразат нивното незадоволство од изборот на директор на установата „Антон Панов“. Исто така одржаа и средби со министерката за култура Ирена Стефоска и со Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.

[Видео] „Оставка сега“ – културни работници со порака до директорот на НУЦК „Антон Панов“

М.К.