22-ро место на генералниот пласман и бронзен медал за Македонија на Меѓународната економска олимпијада

Ученикот Давид Ставров од приватното училиште „Алгоритам“ во Скопје освои бронзен медал на шестата Меѓународна економска олимпијада што годинава се одржа во Волос, Грција.

Покрај Ставров, тимот претставници на Македонија што учествуваше на Олимпијадата беше во состав на Стефанија Кузмановска од Математичко – информатичката гимназија во Скопје, Рина Толева од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје и Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ од Скопје кои беа најдобро пласирани на Првата македонска економска олимпијада што во организација на Сојузот на математичари на Македонија (СММ) се одржа кон крајот на мај годинава.

На Олимпијадата учествуваа 50 тимови од 48 земји од светот. Учениците се натпреваруваа во три дела, тест од економија, игра за финансиска писменост и бизнис студија. Олимпијадата се одржа во хибриден формат, дури 15 тима оваа година беа собрани на едно место во Универзитетот на Тесалија од Волос.

„Меѓу големиот број водечки економии во светот, го освоивме 22-рото место во генерален пласман. Посебно сме горди сме што оваа година го освоивме и првиот медал на оваа олимпијада“, информираат од СММ.

Тимот ученици го предводеа професорите Анета Гацовска – Барандовска и Стево Ѓоргиев од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Фото: СММ