2023 и официјално е најтоплата година во историјата

2023 година ќе биде најтоплата година во историјата, покажуваат податоците на Европскиот сервис за климатски промени – Коперникус.

Ноември беше шести месец по ред во кој беа скршени рекордите, со просечна дневна температура од 14,22 степени целзиусови, со што ја надмина температурата од 2020 година за цели 0,32 степени.

„Имаше нови рекорди шест последователни месеци и две годишни времиња. Овој невообичаен ноември значи дека 2023 ќе биде најтопла година откако е започнато мерењето на температурите“, вели Саманта Бурџис, заменик-директорка на Коперникус, пренесува Еуроњуз.

Дополнително, помеѓу јануари и ноември, просечната температура била 1,46 степени повисока од просекот регистриран во пред-индустрискиот период и 0,13 степени повисока од претходниот рекорд кој го држеше 2016 година.

Новиот извештај на Коперникус доаѓа истовремено со КОП28 климатската конференција која се одржува во Дубаи. Денешниот ден треба да биде фокусиран на транспортот, вториот водечки сектор според емисиите на јаглерод диоксид.

И покрај брзиот раст на електричните возила во некои земји, нафтата и понатаму е главен енергенс кој се користи во 91% од транспортниот сектор, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергија.

Ова е исто така сектор кој вклучува индустрии кои тешко можат да се ослободат од јаглеродот, како авијацијата и поморскиот сообраќај. Во овие области ќе биде потребна огромна промена за производство на доволно одржливо гориво за авионите, како и алтернативни горива, како водородот, за бродовите.