На КОП28 годинава има рекорден број делегати од индустријата на фосилни горива

На овогодишните климатски дискусии на Обединетите нации има рекорден број делегати кои се поврзани со индустријата на фосилни горива и во споредба со минатата година нивниот број е четири пати поголем, велат активистите.

Според анализа направена од Коалицијата на зелени организации, на КОП28 годинава се регистрирани 2.400 луѓе поврзани со индустриите за производство на јаглен, нафта и природен гас. Овој рекорден број е повисок од сите учесници од 10-те држави кои се најпогодени од климатските промени.

Овој голем раст делумно е поради промените во начинот на регистрација, бидејќи сега се бара од пријавените да го наведат и своето работно место.

Сепак активистите се сомневаат дека бројката на лобисти кои се присутни на конференцијата е уште поголема од таа што ја покажуваат бројките.

„Овие разговори треба да направат напредок во постепеното укинување на фосилните горива, а индустријата на фосилни горива е тука да влијае на исходот онолку колку што е можно“, вели Џорџ Керу-Џонс, активист од коалицијата „Kick Bih Polluters Out“ (Избркајте ги големите загадувачи).

КОП28 е најголемата климатска конференција која досега е одржана во историјата и на неа учествуваат речиси 100 илјади политичари, дипломати, новинари и активисти кои се регистрирани на настанот.

Годишното истражување „Глобален јаглероден буџет“ анализира дека на светот му остануваат уште седум години пред температурите да го надминат нивото од 1,5 степени целзиусови во споредба со прединдустриските температури. Истражувачите за оваа студија пресметале дека оваа година повторно имало пораст на јаглеродните емисии од нафта, гас и јаглен, односно раст од 1,1% во споредба со 2022 година и достигнале ниво од 36,8 милијарди тони.