02 Коалиција: Зошто досега не беа правени вакви мерења на „Дрисла“ и дали некој ќе преземе одговорност?

Ако решиме во овој случај да не ја коментираме договорената казна со консензус, туку потврдата дека е свесно направено дело со кое е загрозен животот и здравјето на жителите на Скопје, тогаш ова може да го сметаме за валидна потврда од државата за сѐ што се случува со воздухот, реагираат од О2 Коалиција за чист воздух откако Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) денеска потврди неправилности при горење медицински отпад во „Дрисла“, казна од 8.500 евра и обврска до средината на февруари депонијата да вгради соодветни филтри.

Според иницијативата од здружени активисти и организации, очигледно е дека се неопходни пофрекфентни инспекции на терен, па затоа ги повикуваат надлежните ваквите мерења да не бидат инцидентни, туку секојдневни.

„Прашањето кое секако се поставува е зошто и до сега не беа спроведувани вакви мерења на Дрисла, особено што граѓаните со месеци и години зборуваат за горењето во тој инсенератор (направата која гори медицински отпад н.з)? Дали ДИЖС и досегашните инспектори ќе ја преземат одговорноста и досегашното затворање очи пред очигледно постоечкиот проблем? Зошто минатиот месец, за прв пат е поврзано согорувањето на медицински отпад во Дрисла со нивото на загадување кое го покажува мониторинг станицата Лисиче? Зошто до сега не е направено вакво поврзување, и повторно, дали ДИЖС ќе ја преземе одговорноста и за ова?“, стои во реакцијата на О2 Коалицијата за чист воздух.