Од големите загадувачи, инспекторите утврдиле проблеми и ја казниле само „Дрисла“

Инсенераторот, односно направата во која гори медицински отпад во скопската депонија „Дрисла“ е единствениот од 15-те големи капацитети контролирани од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), за кој во последниов период се изречена казнени мерки.

„Дрисла“ доби казна од 8.500 евра и обврска до средината на февруари да вгради соодветни филтри.

Директорот на инспекторатот, Мирослав Богдановски денеска, презентирајќи ги програмата за работа и буџетот на Инспекторатот во 2018 година ги повика граѓаните на бројот 193 да ги пријавуваат сите случаи на оган на отворено, но и на други извори на загадување на животната средина, порачувајќи дека со зголемениот буџет државниот инспекторат годинава ќе работи засилено.

Инспекторите и по неколку пријави за загадување на територијата на општина Карпош не утврдиле прекршоци, објасни директорот на ДИЖС.

„Во последниот период се направени 15 вонредни контроли на големи капацитети е притоа е изречена една мерка“, рече Богдановски.

Буџетот на Државниот инспекторат за животна средина за 2018 година е поголем за 10 милиони денари, односно 60 отсто повеќе отколку во 2017 година, што ќе овозможи вработување нови 6-7 инспектори, а ќе се набави и нова опрема.

За палењето на медицинскиот отпад во „Дрисла“ тој рече дека ќе се врши до средината на февруари само по три часа дневно, и тоа само кога има поволни метеоролошки услови.

„Не можеме целосно да го затвориме, оти тоа е единствениот таков капацитет во земјава, и ќе се јави голем проблем ако се натрупа медицински отпад“, рече Богдановски.

Мета