„02 Иницијатива“: Јавна расправа за планот за фабриката за отпад во понеделник, целата постапка е со недоследности

Градоначалникот на општина Гази Баба закажал јавна расправа во понеделник (21.06.2021) во 10 часот, во просториите на општина Гази Баба, барака 8 (Голема сала), за планот за изградба на фабрика за преработка на опасен отпад, цинкова филтер прашина од електролачните печки при производство на челик, од Макстил и други челичани надвор од земјава. Целата постапка е полна со недоследности, соопштуваат од „О2 Иницијатива“.

Еко-активистите велат дека јавната расправа е закажана на последниот ден од истекување на рокот за јавен увид на нацрт извештаите за СОЖС и доставување на забелешки по истите, а треба да е најдоцна пет дена пред денот на истекувањето на рокот за јавниот увид.

„Општина Гази Баба ги нема објавено нацртите на планските документи, местото, времето и рокот каде што може да се разгледаат нацртите на планските документи за кои се изработени три нацрт извештаи за стратегиска оцена на животната средина, ги нема објавено ни на својата веб страна, ниту пак има објавено електронска адреса од каде што може да се превземе електронска верзија на планскиот документ. Согласно, правните и физичките лица и јавноста не се во можност да го достават своето мислење во врска со нацртите на планските документи“, забележува „О2 Иницијатива“.

Тие велат дека Општина Гази Баба ги нема покането ниту писмено, ниту по електронска пошта субјектите од засегнатата јавност за да земат учество на јавната расправа за изработката на планскиот документ.

„Се бутка, без почитување на законот и подзаконскит акти, ако може про форма јавна расправа да се одржи, на која нема да има засегната јавност. Ние поднесовме претставка до надлежниот орган за сите прекршувања на општината по однос на постапката за учество на јавноста и жалба до општина Гази Баба. Ќе објавиме детални забелешки за ревидираните извештаи за стратегиска оцена на животната средина на планираниот проект, за да може да ги испратите до понеделник и да дојдете спремни на јавната расправа во понеделник во 10 часот“, се вели во соопштението на „02 Иницијатива“.

Инаку, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски досега во јавните настапи негираше дека општината ќе гради фабрика за отпад. Истовремено, „02 Иницијатива“ бараше тој да излезе со детално објаснување за проектот во делот на Старо Скопје, кое се актуелизираше по сомнежите на локалните граѓани и активистите дека таму ќе има процеси кои ќе ја загрозуваат животната средина и човековото здравје.

„О2 Иницијатива“ претходно дадоа и свои видувања за земјиштето со намена Е 3.1, односно направија анализа врз основа на досегашните документи за трите урбанистички проекти (123), за можните активности, производство и нивното влијание врз околината.