02 Иницијатива: Што знаеме од лимитираните информации за фабриката во Гази Баба?

Додека градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски во јавните настапи негира дека општината ќе гради фабрика за отпад, „02 Иницијатива“ бара тој да излезе со детално објаснување за проектот во делот на Старо Скопје, кое се актуелизираше периодов по сомнежите на локалните граѓани и активистите дека таму ќе има процеси кои ќе ја загрозуваат животната средина и човековото здравје. „О2 Иницијатива“ даваат и свои видувања за земјиштето со намена Е 3.1, односно прават анализа врз основа на досегашните документи за трите урбанистички проекти (123), за можните активности, производство и нивното влијание врз околината.

Во продолжение ви го пренесуваме целото сооштение од „02 Иницијатива“:

Што знаеме според лимитираните информации кои ги имаме за фабриката која се планира во Гази Баба на површина од 23 хектара за обработка на филтер прашина од електролачните печки при производство на челик, преку процес на топење (затоа и името топилница) во ротирна и електролачна печка, за да се добие како краен продукт цинк оксид и легура на железо?

Филтер прашината од електролачните печки при производство на челик е класифицирана како ОПАСЕН ОТПАД, поради содржината на тешки метали како цинк, железо, хром, кадмиум, олово и халогени елементи како хлор и флуор. Содржи и манган, алуминиум, никел, бакар, силициум, магнезиум, калциум.

Целта на израбoтката на трите урбанистички проекти на КП 11589/1, КП 11683, КП 11684 и КП 11730/1, КО Старо Скопје, Гази Баба, е да се формираат три градежни парцела со намена Е3.1.

Е3.1 намена е за депонии и преработка на неопасен отпад: регионални и локални депонии за одлагање на неопасен отпад, постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад, неопасни јаловишта и пепелишта.

Намената Е3.1 не е соодветна кога се работи за ОПАСЕН ОТПАД и негова преработка во ротирна и електролачна печка.

Соодветна намена би била Е3.2 – Специјализирани депонии за одлагање на опасен отпад, постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на опасен отпад, складиштење на радиоактивни супстанци и опасни јаловишта, пепелишта, и отпадни материи.

Планот е да се одобрат овие три урбанистички проекти и државното земјиште пренаменето во Е3.1 да се даде на продажба, каде инвеститорот би го купил.

Откако ќе го откупи, инвеститорот дури потоа ќе изработи урбанистички проекти каде ќе се зададе точен габарит и намена на секој објект, а потоа ќе изработи и идејни и основни проекти.

Дури тогаш ќе се пристапи кон подетална анализа на можните влијанија врз животната средина и ќе се изработи Оцена на влијанието врз животната средина на одредени проекти.

Ако се погледнат еколошките проблеми кои се релевантни за овој плански опфат, ќе се види дека имаме серија на еколошки проблеми со воздухот, водата, почвата, отпадот, урбаниот развој, јавната свест, биодиверзитетот.

Сè уште не е позната технологијата и видовите на отпад кои ќе бидат третирани.

Препорачаната технологија за обработка на филтер прашина од електролачните печки при производство на челик е 2sDR (two-step dust recycling).

2sDR технологијата е уште во експериментална фаза и моментално постои проект финансиран од ЕУ каде оваа технологија треба да се спроведе на ниво од полу-индустриски волумен, за да се докаже технолошката и финансиска исплатливост на процесот. Времетраење на проектот е од јануари минатата година до декември оваа година. https://eitrawmaterials.eu/project/2sdr/

Според оваа технологија, во првата фаза со ротирна печка би се отстранувале халогените елементи хлор и флуор, и оловото со топење при високи температури помеѓу 900° C и 1100° C.

Во втората фаза би се користела електролачна печка за да се добие цинк оксид и легура на железо. Од процесот би останала згура, која би содржела највеќе силициум оксид и калциум оксид, потоа околу 12.5% алуминиум оксид, магнезиум оксид, железо оксид, манган оксид, во мала количина цинк оксид и олово оксид, и би се користела во градежништвото.

Не е познато какво гориво ќе се користи за ротирната и електролачната печка.

Минимум од 8.000 до 12.000 тони третирана прашина годишно треба да овозможи економска одржливост на процесот. На други места се спомнува минимум од 13.000 односно 15.000 тони филтер прашина. Ова би значело дека филтер прашината од Макстил нема да е доволна и ќе се увезува од други челичарници.

Го чекаме градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски да излезе јавно со детално објаснување за овој проект и ефектите врз животната средина и човековото здравје, ПРЕД ДА ГО ОДОБРИ и ПРЕД ДА СЕ ПРОДАДЕ ДРЖАВНОТО ЗЕМЈИШТЕ. Очигледно е дека градоначалникот сака да го спроведе, зошто и рокот за поднесување на забелешки за нацрт-извештаите за СОЖС го продолжил до 03.06.2021. Претпоставуваме дека овојпат ќе ги изложи урбанистичките проекти и ќе организира јавна расправа согласно законските барања.