Шарена револуција – полиција, блокирани улици и боја за Влада

Денешниот граѓански протест беше еден од најмасовните изминатите две седмици – почна пред Специјалното јавно обвинителство, а заврши со боја врз Владата.

Поради контрапротестот пред Собрание, забележливо беше силно полициското обезбедување, кое им го блокираше движењето на демонстрантите.

Колоната која тргна од Специјалното јавно обвинителство кон булеварот „Климент Охридски“ не можеше да се движи подалеку од Европскиот универзитет и крстосницата кај „Нова Македонија“.

Демонстрантите се обидуваа да го поминат полицискиот кордон, скандирајќи „Дојдете со нас“ и „Спуштете ги штитовите“.

Откако беше тргнат еден од кордоните, протестот продолжи пред Владата каде протестантите фрлаа балони со боја кон барокната зграда и ги испишуваа познатите пароли на булеварот „Илинден“.

Граѓаните и денес излегоа на протест барајќи оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, одложување на изборите најавени за 5 јули, укинување на аболицијата, но и техничка влада која ќе ги овозможи демократските реформи според извештајот од Прибе.

Истовремено беше одржан и контрапротест на Граѓанското движење за одбрана на Македнија (ГДОМ) пред зградата на Собранието, на кој беа побарани повлекување на аболицијата за лидерот на СДСМ Зоран Заев и Зоран Верушески и одржување на изборите на 5 јуни.