Раштиман оркестар пред Министерство за култура – уметниците на протест

„Тортура против култура“ беше насловен денешниот протест организиран од Синдикатот за култура кој се одржа пред ресорното Министерство. Со транспаренти како „Деконтаминација на културата“, „Конзерваторите не се даватели на јавни услуги“, „Плата во музеј=социјална помош“, културните работници кои излегоа на протестот го изразија својот револт од измените во Законот за културата.

Велат дека се незадоволни поради ниските плати, недонесувањето нов колективен договор повеќе од 1 деценија, но и поради тоа што соодветно не се валоризираат стекнатите стручни звања, додека забрзано се спроведуваат систематизации во културните институции.

Уметниците изведоа и концертен перформанс пред Министерството, свирејќи како раштиман оркестар, за како што велат, да укажат на тоа каква е состојбата во културата. Притоа подвлекоа дека протестот е исклучиво од синдикален карактер и за подобрување на условите на вработените, како и дека не е организиран од партија или поврзан со актуелните политички случувања.

На самата најавата за протест остро регираше СОНК, а потоа и Министерството за култура.

Во соопштението на СОНК протестот се поврзува со политички состојби бидејќи Собранието е распуштено, па нема можност за покренување барање за измени на законите.

„И СОНК, како единствен репрезентативен синдикат и легитимен преговарач со ресорното Министерство, никогаш не кажал дека платите во културата се доволни и токму затоа толку долго траат преговорите за новиот Колективен договор за културата, кој најавуваме дека многу брзо ќе биде потпишан помеѓу СОНК и Министерството за култура и со кој значајно ќе бидат подобрени платите во културата“, велат од СОНК.

Од Министерството за култура пак велат дека заедно со СОНК посветено работеле на систематизирање на работните места во културните институции и новиот колективен договор, па оттука, посочуваат, нејасно е за каква тортура во културата станува збор.

„Министерството за култура во повеќе наврати досега ја покажа својата цврста определеност да ги решава проблемите во културата, во сите случаи кога тие се одраз на заедничкиот интерес на сите вработени. Затоа, сите иницијативи и предлози кои ќе бидат институционално доставени, како барања од сите вработени во установите и од стручната фела, а не како желби на одредени поединци, ќе бидат внимално разгледани и решени“, соопштија од Министерството.